Кина бара на персоналните компјутери кои се продаваат во земјата да има инсталирано софтвер што блокира порнографија на интернет и веб-сајтови со слични содржини, со што на еден од најсофистицираните режими за цензура му се овозможува уште поголема контрола врз интернетот.

Програмерот на софтверот изјави дека алатката ќе им овозможи на родителите подобра контрола со тоа што тие ќе можат да спречат компјутерите да пристапуваат до веб-сајтови со порнографски слики или јазик.

Jinhui Computer System Engineering, компанијата која го доби владиниот тендер за развивање на софтверот за филтрирање „Green Dam – Youth Escort”, составуваше база на податоци од веб-сајтови што треба да бидат блокирани.

Иако порнографските веб-сајтови се примарната цел, софтверот би можел да се користи и за блокирање на други веб-сајтови, вклучувајќи ги и оние базирани на клучни зборови наместо специфични интернет адреси.

Родителите исто така може да додаваат веб-сајтови по желба во листата за блокирање, изјави Жанг Ченмин, генералниот директор на Џинхуи.

„Доколку таткото не сака неговиот син да биде изложен на содржини поврзани со кошарка или дрога, тој може да ги блокира сите веб-сајтови со такви содржини“, изјави Жанг.

Според него, корисниците може да го оневозможат блокирањето на кој било сајт од листата или дури и целосно да го отстранат софтверот од компјутерот, но нема да можат да ја видат целосната база на податоци. Тој изјави дека софтверот не ја следи активноста на корисникот и не испраќа податоци до трети страни.

Кина, којашто има најголем број на интернет корисници во светот – повеќе од 250 милиони, исто така го има и еден од најстрогите режими на контрола преку интернет.

Преку механизмите како што се филтрите на ниво на националната мрежа на интернет провајдери, владата рутински блокира политички веб-сајтови, особено оние кои ги смета за дестабилизирачки за општеството, како што се сајтовите на кои се критикува владејачката Комунистичка партија, на кои се промовираат демократски реформи или се поддржува независноста на Тибет.

Владата исто така ја забрани интернет порнографијата и оваа година затвори повеќе од 1.900 веб-сајтови на национално ниво. Веб-сајтовите како што се Google и Baidu – најпопуларниот интернет пребарувач во Кина, исто така беа критикувани поради линковите до „осомничени“ сајтови.
Џон Палфри, експерт за интернет цензура на Универзитетот Харвард, го опиша последното барање како „постапка со која може да се промени состојбата со контролата на интернетот“, преку приближување на кинескиот „Голем Огнен Ѕид“ поблиску до корисниците, каде што цензурата може да биде поефективна.

Иако корисниците може да ги деблокираат сајтовите или да го отстранат софтверот, многумина нема да се потрудат или пак не знаат како да го направат тоа, изјави Палфри. Исто така, има можност софтверот да остава траги, кои на корисниците ќе им даваат лажно чувство на безбедност доколку софтверот на некој начин ја блокира или следи употребата – или кај корисниците создава чувство на несигурност, доволно за да применуваат само-цензура.

Еден од најефективните делови во контролата на Кина е само-цензурата, перцепцијата дека некој Ве гледа или блокира“, изјави Палфри за време на едно интервју во Вашингтон.

Извор: nzherald.co.nz “China demands porn blocking software on all PCs” 9 јуни, 2009.