Можностите за повреда на приватноста преку злоупотреба на личните податоци се ограничени само од имагинацијата на оној што ја извршува  злоупотребата. На пример, ако некој го знае вашиот матичен број, може да влезе на интернет во изводот од избирачкиот список и да ги менува вашите лични податоци

„Шест капачиња од кока-кола плус лична карта во замена за кадифена  играчка“ беше маркетинг-кампањата на скопската пиварница за новогодишните празници. Луѓето одеа во рестораните на „Мекдоналдс“, кои беа задолжени за размената „капачиња-играчка“, ги даваа своите  легитимации на увид, а вработените таму ревносно ги запишуваа името, адресата и матичниот број на стотини „наградени“, секој ден. Некои од дечињата, чии родители не понеле лична карта, видно разочарани си одеа  дома без играчка. А на прашањето зошто толку формалност, зошто адреса, зошто матичен број, вработените во „Мекдоналдс“ не знаеја да одговорат.

– Ние само и правиме услуга на пиварницата, а со нивните наградни игри тоа е практика – вели еден од вработените во „Мекдоналдс“.

А дали знаеја дека тоа што го прават тие или скопската пиварница е противзаконско и дека апсолутно немаат право да им бараат на луѓето  такви податоци за таа намена? Повеќето луѓе најверојатно и не знаеја дека имаат право да си ги заштитат личните податоци и дека тоа право им е повредено.

– Фирмите најчесто ги бараат податоците без некоја посебна причина.  Но има случаи и кога преку собирањето лични податоци на потрошувачите тие го истражуваат пазарот, а потоа ги архивираат за други намени – вели Маријана Марушиќ, директорка на Дирекцијата за заштита на личните податоци.

Според неа, најмногу злоупотреба на личните податоци се прави со директниот маркетинг. Тоа се сите оние рекламни материјали што ви стигнуваат адресирани во поштенското сандаче, од фирма за која не сте  ни чуле, а уште помалку се сеќавате дека сте им ја дале адресата и побарале брошури.

– Разните фирми и агенции што располагаат со бази на лични податоци си ги продаваат податоците едни на други, така што нема ништо чудно  ако некоја компанија ги добие името, адресата или матичниот број, кој сте го оставиле на друго место, за друга намена – вели Марушиќ.

Можностите за повреда на приватноста преку злоупотреба на личните податоци се ограничени само од имагинацијата на оној што ја извршува  злоупотребата. На пример, ако некој го знае вашиот матичен број, може да влезе на интернет во изводот од избирачкиот список и да ги менува вашите лични податоци.

Кражбата на идентитет, односно користењето туѓ идентитет при извршување  криминални дејства, е најопасната злоупотреба на лични податоци, која според Дирекцијата се уште не е раширена кај нас.

За време од 1,5 година, колку што постои, Дирекцијата за заштита на личните податоци покрена 6 пријави за утврдување повреда, а врши  надзор на 7 институции. Има многу јавувања од граѓаните со повреда на приватноста, но малкумина од нив се одлучуваат за пријава.

Ивана Билбиловска

Извор: Време