На 10 јуни 2010 г., заменик-претседателот за Дигиталната агенда на Европската комисија, Нили Крос одржа говор на Самитот Отворен форум Европа 2010 за интероперабилност и отворени стандарди, изјавувајќи дека се планира обновување на Европската рамка за интероперабилност за да се постигне потранспарентно поставување на ИКТ стандардите и да се осигури дека јавната администрација користи формати на софтвер со отворен код за да го спречи развојот на монополите во ИКТ секторот.
Крос веќе некое време ја поддржува интероперабилноста и отворените стандарди, и таа повторно ја нагласи својата убеденост дека изборот на отворени стандарди е многу паметна бизнис одлука.
Таа потсети дека предложила пет чекори во Дигиталната агенда за Европа со цел „да има повеќе и подобри стандарди признаени и создадени во Европа, подобро да се искористат овие стандарди и да се подобри интероперабилноста во отсуство на стандарди“.
Новата рамка којашто ќе биде развиена ќе вклучува услов за органите за поставување на стандарди, како што се World Wide Web конзорциумот и Oasis, да има правила за откривање на технологијата со цел да биде полесно за другите да ја користат и приспособуваат технологијата.
Комесарот смета дека претходно мора да се промовираат соодветни правила за откривање на основните права на интелектуална сопственост и условите на лиценцирање во контекст на поставувањето стандарди. Секако, апсолутно е потребна транспарентност на процесот. „Во некои случаи, изборот на технологијата за одреден стандард би можел да биде очигледен во отсуство на технички алтернативи. Трошоците и условите за лиценцирање се помалку релевантни во такви случаи. Но во повеќето случаи постојат конкурентски опции и логично би било да се земат предвид и овие информации“.
Таа ги критикуваше властите кои самите се заглавуваат со заштитената технологија и софтвер на подолг временски период. „Тоа е фрлање на државни пари кое повеќето државни органи повеќе не можат да си го дозволат“.
Покрај тоа, таа исто така предупреди дека антимонололските судски процеси не се дел од нејзиниот план за зголемување на интероперабилноста на пазарот. Таа изрази намера да се испитаат „сите опции за да се осигура дека значајните играчи на пазарот нема да можат така едноставно да изберат да се одречат од интероперабилноста на нивниот производ. Сигурно се сеќавате дека веќе имав некои искуства со високо-технолошки компании нерасположени за соработка: Морав да се борам одлучно и со години, додека „Мајкрософт“ почна да лиценцира информации за интероперабилност кои недостасуваа. Следуваа комплексни антимонополски истраги, но судските постапки можеби не се единствениот начин за зголемување на интероперабилноста“.
Овој став се поистоветува со априлската декларација на министрите за телекомуникации на ЕУ за поддршка на бесплатниот отворен формат на документи во обезбедувањето на услуги од областа на е-власт.
- Neelie Kroes Address at Open Forum Europe 2010 Summit: ‘Openness at the heart of the EU Digital Agenda’ Brussels (10.06.2010)
- Kroes presses ahead with open IT standards (11.06.2010)
- EDRi-gram: Two Digital Agendas, but one European Union (19.05.2010)
- EDRi-gram: (D’) Evolution Summit 2010 and the Granada Declaration (21.04.2010)