Сите 84 општини и градот Скопје ќе добијат по пет до шест компјутери наменети за одделенијата за урбанизам
Сите 84 општини и градот Скопје ќе добијат по пет до шест компјутери наменети за одделенијата за урбанизам. Компјутерите и опремата се донација од Европската агенција за реконструкција (ЕАР), вредна 12 милиони евра.
– Ова е важно за процесот на децентрализацијата и дава нова димензија на локалната демократија – рече Ризван Сулејмани, министер за локална самоуправа, по потпишувањето на меморандумот.
За Ерван Фуере, амбасадор на Европската Унија во Македонија, вчера потпишаната спогодба е уште една пресвртница во процесот на децентрализација.
– Денешната церемонија е дух на солидарност со оваа мала, но прекрасна земја. Тој дух ќе помогне Македонија наскоро да стане член на европското семејство, каде што и природно припаѓа – рече Фуере.
Андреј Петров, претседател на Заедницата на општините, рече дека обуката и опремата што ЕАР им ја доделува на македонските општини ќе помогне да се задоволат потребите во урбанизмот и планирањето.
Проектот „Програмата за обука за урбанистичко планирање и обезбедување компјутерска опрема, од 2004 до 2006 година“ е двегодишен проект вреден три милиони евра. Веќе се реализира преку обуки на вработените во секторите за урбанизам.
Извор: Време