Со тендерот за набавка на првите 100.000 компјутери за основните и за средните училишта во Македонија, кој беше објавен на 13.3.2007 година, Владата ја почна акцијата „Компјутер за секое дете“. Компјутерите ќе бидат испорачани и платени кон крајот на оваа и почетокот на идната година

Со тендерот за набавка на првите 100.000 компјутери за основните и за средните училишта во Македонија, кој беше објавен на 13.3.2007 година, Владата ја почна акцијата „Компјутер за секое дете“. Компјутерите ќе бидат испорачани и платени кон крајот на оваа и почетокот на идната година.

Другите 50.000 компјутери ќе бидат платени од буџетот за 2009 година, кога се очекува да заврши оваа акција. Средствата се буџетски, без задолжување на државата. Целта е учениците да бидат оспособени со помош на компјутер да ги учат предметите, а наставниците со модерни методи и техники да ги предаваат наставните содржини.

– Очекуваме во последниот квартал од годинава да почне инсталирањето на околу 40.000 компјутери. Во јануари, февруари и март ќе биде инсталирањето на околу 60.000 компјутери, а околу 50.000 компјутери ќе бидат инсталирани во почетокот на 2009 година – истакна премиерот Никола Груевски на прес-конференција во Владата.

Инсталирањето на крајот на годинава ќе почне во средните училишта, во втората тура ќе продолжи во основните училишта од петто до осмо одделение, а третата и последна тура компјутери во 2009 година ќе бидат инсталирани од прво до четврто одделение. Компјутерите ќе имаат ЛЦД-екран, што ќе ги штити учениците од зрачење, и ќе бидат обезбедени од кражба, зашто надвор од училиштата ќе бидат неупотребливи. Наставниот кадар ќе биде обучуван за користење на компјутерите. Деновиве ќе биде објавен и тендер за набавка на компјутери со повисоки перформанси за новите факултети во Штип и во Битола.

Владата вчера го промовира и проектот за изградба на најмалку сто нови училишта, за што од градоначалниците чека одговор за нивните потреби за нови училишни објекти. Финансиското учество на Владата во нивната изградба ќе биде од пет до десет отсто, а главното учество ќе го има приватниот сектор.

Третиот проект што го промовира Владата е изградба на околу сто спортски сали во училиштата и се очекува Банката за развој на Советот на Европа да го одобри елаборатот на Министерството за образование и наука.

Кредитот за изградба на салите се очекува да биде околу 40 милиони евра. Од неа Владата ќе бара и посебен кредит за проширување и реконструкција на затворите во Македонија.

Извор: Време