Сè поголемата употреба на компјутерите на работното место придонесе компјутерската писменост да биде неопходна за поголемиот дел од професиите.

Солидното разбирање и познавање на компјутерските апликации и програми станува сè поважно во професионалниот живот.

По повод Неделата на е-вештини (26-30 март, 2012 г.) Заводот за статистика на Европската унија (Eurostat) објавува податоци за дипломираните студенти на информатички науки и за компјутерските вештини на поединците. Европската Недела на е-вештини 2012 е европска кампања фокусирана на зголемување на интересот на младите луѓе за ИКТ (информатички и комуникациски технологии) и им покажува на луѓето како да се вработуваат и да стекнуваат е-вештини потребни за животот во дигиталното доба.

Во земјите-членки на ЕУ27, 3,4 отсто од дипломираните студенти стекнале диплома за информатички науки во 2009 г.

Во земјите од ЕУ27, уделот на дипломирани студенти на информатички науки изнесуваше 3,4 отсто од вкупниот број дипломирани студенти во 2009 година, во споредба со 4,0% во 2005 година. Во земјите-членки, растот на уделот на овие дипломци во периодот од 2005 до 2009 година варира. Најголеми зголемувања се регистрирани во Малта (од 1,9 отсто од вкупниот број дипломирани студенти во 2005 година на 5,6 отсто во 2009) и Унгарија (од 2,0 отсто на 3,4 отсто), а најголемите намалувања се забележани во Португалија (од 5,1 отсто на 1,7 отсто) и во Обединетото Кралство (од 5,9 отсто на 4,0 отсто). Во 2009 година, најголемиот удел на дипломирани студенти на информатички науки беше забележан во Малта и Австрија (и во двете земји изнесуваше 5,6 отсто од вкупниот број дипломирани студенти), во Шпанија (5,1 отсто), Кипар (4,7 отсто) и Естонија (4,4 отсто).

Уделот на поединци што користеле персонален компјутер варира од 50% во Романија до 96% во Шведска

Во 2011 година, повеќе од три четвртини од лицата на возраст од 16 до 74 години од земјите-членки на ЕУ27 користеле компјутер, додека овој удел изнесувал 96% кај лицата на возраст од 16 до 24 години. Најголем удел на лицата од 16 до 74 години кои користеле компјутер беше утврден во Шведска (96 отсто), Данска, Луксембург и Холандија (кај сите нив – 94 отсто), а најмал во Романија (50 отсто), Бугарија (55 отсто) и Грција (59 отсто). Во повеќето земји-членки уделот на младите кои користеле компјутер надминува 95 отсто.

Една петтина од лицата на возраст од 16 до 24 години во ЕУ27 напишале компјутерска програма

Во 2011 година, речиси две третини од лицата на возраст од 16 до 74 години во земјите од ЕУ27 одговориле дека преместувале или копирале датотеки или папки на компјутер, во споредба со 89 отсто од лицата на возраст од 16 до 24 години. Четириесет и три отсто од лицата на возраст од 16 до 74 години изјавиле дека користеле основни аритметички формули во табеларни пресметки, додека овој удел изнесувал 67 отсто кај помладата група. Три од десет лица на возраст од 16 до 74 години создале електронска презентација, во споредба со шест од десет лица на возраст од 16 до 24 години. Уделот на поединци во земјите од ЕУ27 кои напишале компјутерска програма изнесуваше 10 отсто кај оние на возраст од 16 до 74 години и 20 отсто кај помладата група.

Извор: Europe’s Information Society “Computer skills in the EU27 in figures” 26 март, 2012.