Денешните дигитални мрежи нудат нови необични можности за споделување и зголемување на нашиот глобален, јавен фонд на знаење. Затоа, промовирањето на научната, образовната, економската, етичката и политичката важност на дигиталниот јавен домен е од суштинско значење за иднината на нашите општества базирани на знаење.
Ова е всушност начелото на новиот проект: КОМУНИА, Европската тематска мрежа за јавниот домен во дигиталното доба.
Тригодишниот проект е финансиран од Европската Комисија во склоп на програмата е-содржини+ и координиран од Центарот за истражување на Интернет и општество – НЕКСА при Политехничкиот институт од Торино.
На 28 септември, 2007, во рамките на проектот се одржа почетен состанок во Турин, Италија.
Проектот беше предложен од мрежа на 36 членови од 21 земја кои се посветени на развивање на теоретска анализа и дискусија за стратешка политика во однос на постоечки и нови прашања релевантни за јавниот домен во дигиталната околина, како и сродни теми вклучително, но не и ограничено, на алтернативни начини на лиценцирање за креативен материјал (вклучувајќи ги и лиценците Криејтив комонс), отворен пристап до научни публикации и истражувачки резултати, како и ракување со дела од непознати автори (т.е. дела-сирачиња).
КОМУНИА подготвува продуктивен распоред на тематски работилници и конференции кои ќе се одржат на неколку локации низ Европа, со цел да се задржи цврста врска помеѓу учесниците. Мрежата има за цел да донесе аналитички и практични резултати, вклучувајќи го и создавањето на книга и научен труд, водич за “најдобри практики” за Европските центри за истражување и упатување и финален стратешки извештај кој содржи конкретни упатства околу политиките.
Општата цел е да се создаде отворено, широко и активно партнерство насочено кон подобрување на пристапот до знаење и да им се помогне на сите заинтересирани страни – од јавниот и приватниот сектор, од локално до Европско ниво – да се справат со прашањата кои ги покренува постоењето на дигиталниот јавен домен и кои несомнено ќе продолжи да ги покренува.
За повеќе информации, Ве молиме посетете ја веб-страницата на проектот; прашања, коментари, барања за информации и/или појаснувања треба да се испраќаат до Координаторот на КОМУНИА, Проф. Хуан Карлос де Мартин, или на менаџерот на проектот КОМУНИА – Андреа Глориосо.



