Комисијата за информатичка технологија при Владата на Република Македонија, на 28 септември 2005 година во Скопје организира конференција „иМакедонија 2005“, под покровителство на Претседателот на државата, г. Бранко Црвенковски. Конференцијата е финансиски поддржана од ФИООМ и од УНДП (Програмата за развој на Обединетите нации).

На конференцијата ќе се промовираат и дискутираат новоусвоените Национална политика и Стратегија за информатичко општество, како и Акцискиот план за нивно спроведување. Теми на расправа ќе бидат и: како ИКТ може да придонесе кон евроинтеграцијата на Македонија и како информатичкото општество може да ги помогне економскиот раст и вработувањето.

Конференцијата ќе ја поздрават Претседателот на Република Македонија, г. Бранко Црвенковски, министерот за транспорт и врски, г. Џемали Мехази, советникот од Европската Комисија, г-ѓа Џоан Пирс, претставникот на УНДП во Македонија, г. Фроде Моринг и извршниот директор на ФИООМ, г. Владимир Милчин.