Европската комисија бара помош во изготвувањето насоки и практични совети за зголемување на повторното користење податоци за времето, податоци за сообраќајот, јавно финансирани истражувачки податоци, статистика, дигитализирани книги и други видови информации од јавниот сектор (Public Sector information – PSI).

Потпретседателот на Европската комисија Нели Крос изјави: „Револуцијата на отворените податоци им служи на поединците и претприемачите, а тоа подразбира и дека им се дава улога во дизајнирањето на политиките“.

Заинтересираните страни може да придонесат до 22-ри ноември 2013 година, а со нивниот придонес да помогнат да се осигури ефективно спроведување на неодамна ревидираната Директива за информации од јавниот сектор, која има за цел да осигури дека властите ќе објават повеќе информации бесплатно или за ниска цена.

„Успешно ја финализиравме новата Директива за информации од јавниот сектор. Сега треба да ја спроведеме на начин со кој се создава единствен пазар за овие податоци, за компаниите да можат да создаваат сè-европски апликации и други иновации. За да добиеме вредност од овие податоци низ цела Европа, потребно е јасна и заедничка примена на правилата“, изјави Крос.

Историјат

Резултатите од оваа консултација ќе ги поткрепат насоките кои ќе се објават во 2014 година. Една скорешна студија покажува дека економските придобивки за ЕУ како резултат на полесната достапност на информации од јавниот сектор би можеле да достигнат 40 милијарди евра годишно. Стапката на раст на компаниите кои имаат бесплатен пристап до информации од јавниот сектор е 15 % повисока од стапката на раст на компаниите кои треба да плаќаат.

Отворањето на ресурсите со јавни податоци за повторна употреба е една од клучните активности на Дигиталната агенда за Европа, но неизвесностите околу усогласеноста со одредбите за лиценцирање и наплата ги отежнуваат иновациите и комерцијалната примена на информациите од јавниот сектор во многу делови на Унијата.

Извор: Europe’s Information Society „Consultation on best ways to open up more public data“ 30 август, 2013.