На 3 мај 2010г., францускиот сенатор Жан-Луј Масон поднесе нацрт-закон со кој би се ставил крај на анонимноста на блогерите, кои, според текстот, ќе треба на своите блогови да наведат податоци за идентификација, како што се име, телефонски број и адреса.

Со предложеното законодавство ќе се забрани употребата на псевдоними од страна на блогерите и ќе се применуваат истите регулативи како и за претставниците на печатот.

Сенаторот го оправдува својот предлог со аргументот дека на тој начин интернет корисниците се заштитуваат од измама, лаги или клевета. Во интервју за France 3, сенаторот изјави дека сакал блогерите да преземат одговорност за нивните изјави. Според него, лице коешто не го открива својот идентитет има што да крие, додека блогерите генерално избираат анонимност од причини поврзани со нивниот професионален или личен живот.

Беше поднесена жалба до француските пратеници и сенатори, потпишана од страна на неколку Интернет хостинг сајтови како Wikio, OverBlog, Blogspirit и Canalblog и организации како што се „Репортери без граници“ и La Quadrature du Net.

Со жалбата се бара од францускиот парламент да го отфрли нацрт-законот бидејќи нема да послужи во заштитата од клевета којашто е веќе ефикасно опфатена со тековното законодавство. Во францускиот закон со кој се имплементира директивата за е-трговија веќе е наведено дека хостинг сајтовите мораат веднаш да забранат какви било контроверзни објави по едноставно барање и да ги известат властите за идентитетот на блогерите, доколку тоа е применливо. Затоа, нема потреба од дополнителен закон со кој само ќе се наштети на слободата на изразување на интернет.

Извор: ЕДРИ-грам “The end of bloggers’ anonymity in France?” бр. 8.11, 2 јуни, 2010.