Грчката јавна администрација во пракса речиси и да не користи слободен софтвер и покрај законот усвоен од грчкиот парламент во 2011 година со кој се промовира развојот на слободен софтвер.

Тоа би можело да се промени со иницијативите финансирани од Европа, како што е Слободен софтвер за европските јавни администрации (Osepa), велат упатените.

Во 2011 г. грчкиот парламент го усвои законот за е-владеење со кој се обврзуваат јавните администрации да развиваат само софтвер чијшто код е отворен и може да се модифицира и дистрибуира бесплатно.

„Не верувам дека повеќето јавни администрации се запознаени со Законот 3979/2011“, вели советникот Димитрис Пападопулос од DigitalisConsult, компанија специјализирана за стратешки консултантски услуги за јавниот сектор.

Поборникот за слободен софтвер Никос Русос, кој учествува во име на Централната унија на општини од Грција (KEDE) во рамките на Osepa, додава: „Покрај тоа, администрациите лесно може да ја избегнат оваа иницијатива, наведувајќи причини зошто е тешко да се изврши миграција кон слободен софтвер“.

Претседателот Теодорос Карунос од Грчкото друштво за слободен софтвер (Gfoss) се согласува дека сè уште има значителни бариери кои треба да се надминат, главно недостатокот на свест во врска со апликациите базирани на слободен софтвер и потребата да се обезбеди интероперабилност меѓу комерцијалните производи и оние базирани на слободен софтвер.

Според Димитрис Андреадис, кој работи за компанијата Red Hat, примената на слободен софтвер зависи од тоа дали клиентите знаат како да создадат долгорочен план. „Кога станува збор за грчкиот јавен сектор, сметам дека уште не сме стигнале до тој степен. На пример: една владина агенција неодамна ме праша дали можат безбедно да се префрлат од сервер со комерцијална апликација на JBoss, но да не потрошат ниту едно евро на услуги за обука и поддршка“.

Извор: OSOR.eu “Crisis does not foster Greek open source adoption” 20 април, 2012.