Ретко која институција од областа на културата има своја веб-страница во време кога глобалното вмрежување е најбрз и најефективен начин за претставување и презентирање на содржините и активностите во светот…

Ретко која институција од областа на културата има своја веб-страница во време кога глобалното вмрежување е најбрз и најефективен начин за претставување и презентирање на содржините и активностите во светот.

Македонската филхармонија својата интернет-страница ја отвори пред еден месец и на неа може да се најдат сите потребни информации врзани со нејзините програмски активности – тековни концерти, програми за претстојната концертна сезона, кратка историја, претставување на членовите на оркестарот, репертоар и слично. Веб-страницата на Македонската филхармонија е www.macedonianphilharmonic.org.mk.

– Во последниве години имавме други приоритетни работи кон кои бевме и се уште сме фокусирани. Македонската филхармонија нема сопствена сала, што сакате повеќе од тоа? Отворањето на сопствена веб-страница не е неважна работа, но во споредба со овој проблем е речиси минорна – вели Валери Стефановски, директор на оваа куќа.

Сојузот на композиторите на Македонија, пак, се уште нема своја страница на Интернет.

– Планираме наскоро да отвориме. Досега беше проблем да се соберат сите потребни податоци од архивата на Сојузот за да може доследно да се презентираат на Интернет – вели младиот композитор Сони Петровски, член на СОКОМ.

И Музејот на современата уметност размислува за вмрежување.

– Планиравме сајтот да биде отворен во текот на оваа година, кога се одбележува 40-годишниот јубилеј на институцијата. Но, за жал, не успеавме да го оствариме тоа. На сајтот се работи и наскоро ќе профункционира. Засега се претставуваме со цедето за куќата и со книгата во која е претставена богатата музејска колекција – вели Емил Алексиев, директор на МСУ.

Од неодамна овој музеј е единствената институција од Македонија претставена на најголемиот европски интернет-портал за современа уметност.

Со свест за потребата од присуство на глобалната мрежа и во Музејот на градот Скопје размислуваат за сопственото електронско претставување.

– Подготвуваме монографија за музејот, па размислуваме сите податоци што мора да се електронски подготвени, во скратена варијанта, да ги претставиме и на веб-страница за нашата институција. Според процените, веб-страницата би била готова во текот на другата година. Можно е да ја поставуваме и парцијално, дел по дел, онака како што ќе бидат обработувани нашите збирки и активности – најавува Климе Коробар, директор на Музејот на градот Скопје.

За него иницијативата, преземена неодамна во Хрватска, каде што севкупната културна инфраструктура е претставена на цедиња и на Интернет, е исклучително драгоцена.

– На тој начин се претставува и државата, а не само нејзините институции – вели Коробар.