Обединетите Нации започнаа со дистрибуција на илјадници преносни компјутери за децата во училиштата во Газа.
Крутите преносни компјутери ги произведува непрофитната организација OLPC („Лаптоп за секое дете“), која има за цел да му обезбеди компјутер на секое дете во земјите во развој. Од OLPC велат дека компјутерите се добар начин за подобрување на образованието на децата кои живеат во сиромаштија.
Хуманитарните услови во појасот Газа се влошени во последните три години, соопшти ОН. Израел и Египет ја одржуваат блокадата на Газа, која се зацврсти во 2007 година откако Хамас презема контрола на појасот Газа, и се спречува влез на сè освен хуманитарни пратки.
UNRWA, агенцијата за бегалци на ОН, во четвртокот започна со дистрибуција на 2.100 лаптопи во Рафа, град во јужниот дел на Појасот Газа. Ова е дел од една поголема амбиција да се дистрибуираат 500.000 лаптопи за децата во Газа до 2012 година.
Поврзани
OLPC го создаде енергетски ефикасниот лаптоп XO, наменет особено за децата во земјите во развој.
„Лаптопот XO има посебно место во образованието на децата во регионите во кои е присутно насилство“, изјави Николас Негропонте, основач на организацијата.
„Со лаптопот XO децата можат да останат поврзани и да ги стекнат вештините и знаењата потребни за да учествуваат целосно и да напредуваат во 21от век – дури и кога е невозможно тие да одат на училиште“.
Агенцијата на ОН која се грижи за палестинските бегалци, односно Агенцијата на ОН за помош и развој (UNRWA), обезбедува домување, здравствени услуги, образование и итни пратки храна за повеќе од четири милиони бегалци во пет земји.
Компјутерите ќе содржат електронски учебници и наставни помагала со кои е опфатена наставната програма од основното училиште, се вели во соопштението на UNWRA.
Извор: BBC “One Laptop Per Child reaches Gaza Strip” 29 април, 2010.



