Јавните администрации на Латвија кои набавуваат ИТ-решенија треба да објавуваат тендери кои ќе овозможуваат вистинска конкуренција, кои не ги попречуваат понудувачите да предложуваат решенија базирани на слободен софтвер и кои мора да содржат технички спецификации независни од продавачите на софтвер, препорачуваат Латвиската асоцијација за отворена технологија и Латвиското биро за следење на набавките во нивниот извештај објавен во јули.

Во нивниот извештај за набавки со наслов „Проблеми и препораки за ИТ-набавки“ се опфатени голем број проблеми во ИТ-набавките на земјата. Неколку од овие конфликти се поврзани со слободниот софтвер и отворените стандарди.

На пример, јавната администрација понекогаш ја забранува употребата на софтвер објавен под лиценци за слободен софтвер, како што е јавната лиценца ГНУ. Според организациите, овие договорни органи имаат погрешна претстава дека таквата лиценца ги принудува изведеното софтверско решение да го направат јавно.

Освен укажувањето на грешката, организациите ги поттикнуваат јавните администрации да ја зголемат употребата на слободен софтвер. „Развиениот софтвер платен од страна на даночните обврзници треба да биде јавно достапен, да овозможи споделување и повторна употреба и да му служи на јавниот интерес“.

Во извештајот се опишува и на кој начин техничките спецификации можат да ја ограничат конкуренцијата. Во примерите спаѓа ограничувањето на видот на системот за управување со бази на податоци кој може да се понуди или барањето софтверски интерфејс кој го продава само еден продавач на комерцијален софтвер.

Во соопштението објавено од Латвиското здружение за отворена технологија (LATA) минатата недела , членот на Управниот одбор на здружението, Петерис Слиед вели дека во текот на изминатите неколку години забележале неколку вакви недостатоци во ИТ-набавките во јавниот сектор. „Нашиот водич за набавки ќе им помогне на јавните администрации да ги формулираат условите и да ги подготват јавните набавки. Се надеваме дека нашите препораки ќе станат практичен водич за сите специјалисти за набавки“.

Слиед препорачува властите да им дозволат на конкурентските добавувачи и консултанти да препорачуваат решенија пред да се објават документите за ИТ-набавки на големо. „Ова ќе помогне да се процени обемот на достапните технички решенија и би можело да обезбеди дека всушност, ќе има конкуренција“.

Работата на водичот за набавки започна минатата година, по работилницата за проблемите со јавните набавки на ИТ, организирана од LATA.

Извор: Joinup.eu „Latvian IT procurement guide to remove barriers to open technology“ 27 август, 2012.