Додека некои европски земји ги блокираат нелегалните содржини (најчесто веб-сајтови со детска порнографија), други размислуваат за воведување на слична мерка преку тајна листа.
Сепак, во последниот месец уште еднаш се покажа дека вообичаено листата со каква било блокирана содржина излегува во јавноста и дека наводно блокираните содржини со тоа ќе станат достапни насекаде.
Белгија е една од новите земји кои имаат предвид таква листа. Министерот за административна реформа, Винсент ван Квикенборн, сака да ја забрани детската порнографија на интернет со протокол помеѓу интернет провајдерите и Владата. Протоколот би можел да се прошири и за другите нелегални сајтови, како што се веб-сајтовите со омраза и расизам или преку кои се вршат измами.
Специјалниот оддел на сојузната полиција – Сојузната единица за компјутерски криминал (FCCU) потврдува дека годишно открива 800-1000 веб-сајтови со детска порнографија хостирани во странство и судската процедура за блокирање на овие веб-сајтови ретко се користи бидејќи е премногу сложена.
Фламанската Лига за човекови права (Liga voor Mensenrechten) го критикуваше проектот нагласувајќи дека „одлуката за блокирање на веб-сајтовите мора да остане во ексклузивна надлежност на судството. Неприфатливо е полицијата да добие овластувања за блокирање на одредени веб-сајтови по желба.“
Правната рамка веќе постои во Белгија, но министерот ван Квикенборн сака пофлексибилен механизам што ќе може побрзо да се искористи за успешно да се блокираат овие веб-сајтови.
Се чини дека полицијата ќе добие овластување да ги составува црните листи на веб-сајтовите што допрва ќе треба да се блокираат, без каква било правна заштита или надворешни надзорни механизми. Загрижувачки е фактот што FCCU веднаш признава дека оваа практика треба исто така да биде применлива и во други случаи.
Практиката на скриените листи на нелегални сајтови не е нешто ново. Но во изминатиот месец, видовме најмалку три големи црни листи како се објавуваат во јавноста, со што стануваат нерелевантни.
Црната листа составена од данскиот систем за филтрирање на детска порнографија (3863 блокирани веб-локации) беше јавно објавена на 23 декември, 2008 г. и е целосно достапна на интернет.
Само неколку дена претходно, црната листа подготвена од Министерството за информатичко-комуникациска технологија на Тајланд со која се блокира пристапот до (1023) веб-сајтови оценети како несоодветни за тајланѓаните, беше објавена на интернет. Листата вклучуваше стотици видеозаписи на Јутјуб (вклучувајќи и видеозаписи од кампањата на Хилари Клинтон) како и блогови, цртани филмови, филмови со Чарли Чаплин и напис во списанието Економист забранет поради критикување на кралот на Тајланд.
Во истиот период, Викиликс ја објави финската листа за интернет цензура. Финското државно истражно биро побара помош од САД, но не се знае што точно било побарано – дали само да се отстрани списокот или можеби се обидуваат да дознаат кој го објавил. Во списокот се уште е вклучен финскиот сајт против цензура lapisporno.info.
Government wants to eliminate sites with child pornography (only in Flemish, 12.01.2009)
List of banned websites in Thailand and Denmark leaked online (23.12.2008)
List of Child Porn Sites Leaked to Public (13.01.2009)
EDRi-gram: ENDitorial: Finnish web censorship (27.02.2008)
Извор: ЕДРИ-грам “Lists of allegedly illegal websites always leak“ бр. 7.1, 14 јануари, 2009.