Австралија, Австрија, Канада и Нов Зеланд ќе продефилираат на свеченото доделување на Наградите на Светскиот самит на 12 јуни и ќе ги примат победничките трофеи за најдобрите е-содржини во светот.

Овие четири земји се истакнаа како лидери во глобалниот натпревар одржан во рамките на активностите на Обединетите нации што следуваа по Светскиот самит за информатичко општество.

Со по три победници, креаторите на креативни содржини и дизајнерите на апликации од овие земји се најдоа пред 20.000 други производи и проекти од 157-те земји кои учествуваа во 4-то издание на Наградата на Светскиот самит.

Жирито за Наградата на Светскиот самит се состоеше од 34 водечки експерти за е-содржини од сите континенти кои дојдоа во Њу Делхи, Индија, за да ги разгледаат предлозите од 545-те национални финалисти од земјите-членки на Обединетите нации. „Трендот на мобилните содржини бавно се развива, а најинтересните и општествено релевантните содржини сè уште може да се најдат на интернет“ вели професор Питер А. Брук, претседавач на НСС. „Интернет телевизијата исто така ја победи интерактивната телевизија и ги надмина ДВД продукциите низ светот во смисла на збогатени и разновидни квалитетни содржини низ светот“ вели Брук.

За разлика од масовните ТВ и весници, новите медиуми не се концентрираат на една земја или еден регион; не гледаме дигитален Холивуд или Флит Стрит во Лондон. Напротив, најинтересните е-содржини доаѓаат од помалите пазари, и од помалите играчи во нив. Се чини дека тие се многу повеќе во допир со корисниците и нивните заедници. Локалните содржини, а не глобалните, триумфираат во смисла на квалитет“, заклучи Брук.

Австралија победи во категориите на е-бизнис и трговија, е-култура и наследство, како и во категоријата е-здравство и околина.

Австрија ги претстави своите најдобри производи во категориите е-бизнис и трговија, е-учење и образование и е-наука и технологија. Канада е застапена во категориите е-култура и културно наследство, е-инклузија и учество и е-наука и технологија, додека Нов Зеланд победи со проекти во категориите е-учење и образование, е-власт и институции и е-забава и игри.

По две награди им беа доделени на Кина, Египет и Италија, коишто веќе покажаа одлични резултати во изминатите години, но награди добија и новите учесници Гана и Шри Ланка, кои покажаа дека квалитетот во користењето на содржини од новите ИКТ не зависи од големината на населението, ниту од тоа дали таа земја е богата.

Белгија, Бугарија, Хрватска, Чешката Република, Финска, Германија, Индија, Израел, Литванија, Малезија, Мексико, Холандија, Оман, Полска, Словенија и Шпанија добија по една награда. ДР Конго и Нигерија се двата нови учесници од земјите со помалку развиени индустрии на содржини, кои се вратија дома со признанија од НСС 2009 за нивните креативни иновации.

Претставникот од Република Македонија – „Млади инфо“ учествуваше во натпреварот за Наградата на Светскиот самит за млади, и влезе во потесниот круг на кандидати во категоријата „Образование за сите“.

Наградата на Светскиот самит е глобална иницијатива за избор и промоција на најдобра е-содржина којашто започна да се доделува во 2003 година во рамките на Светскиот самит за информатичко општество на Обединетите Нации.
Денес, претставува водечки светски натпревар за квалитет и креативност и создавање на е-содржини, како и глобална иницијатива посветена на премостувањето на дигиталниот јаз на содржини и јазот на содржини помеѓу различни региони на светот.

Повеќе информации за Наградата на Светскиот самит и линкови до победничките производи може да најдете на: www.wsis-award.org