Мајкрософт поднесе апликација за патентирање на компјутерски софтвер кој може да ги надгледува работењето и состојбата на вработените преку безжични сензори кои ги поврзуваат работниците со нивните компјутери, известува Тајмс.
Системот, кој Мајкрософт го смета за „уникатен систем за надгледување“, може да го следи движењето на вработените, отчукувањата на срцето, крвниот притисок, мозочните сигнали, телесната температура и изразите на лицето и дури може „автоматски да открива фрустрација или стрес кај корисникот“ и „да понуди соодветна помош“. Со тоа би се креирале своевидни психолошки профили и синдикатите стравуваат дека вработените може да бидат отпуштани од работа врз основа на тие профили.
Комесарот за информации, поборниците за приватност и групите за граѓански слободи остро ја критикуваат оваа апликација. “Со системот се врши упад во секој аспект од животите на вработените и со тоа се покренуваат сериозни прашања од областа на приватноста“ изјави Хју Томлинсон, експерт по право за заштита на податоци во адвокатската фирма Матрикс, додека од канцеларијата на Комесарот за информации изјавија: „Ваквите упади може да бидат оправдани само во исклучителни околности.“
Според правните експерти од адвокатската компанија Евершедс, Мајкрософт ќе се соочи со сериозни законски последици доколку сака да го имплементира системот низ светот. Џонатан Армстронг, партнер во компанијата, изјави за vnunet.com дека ситуацијата е особено комплицирана токму поради тоа што Мајкрософт е меѓународна компанија.
Американската канцеларија за патенти потврди дека била поднесена таква апликација и дека за една година би можела да се одобри.
Мајкрософт поднесе и друга апликација за патент со која би се прибирале информации за корисниците на мобилни телефони, интернет, кредитни картички и геолокациски системи со цел да се насочи рекламирањето кон одредени групи на корисници. Мајкрософт како и други големи компании од типот на Гугл кои заработуваат од кликнувањата по огласи, размислува за прибирање на лични податоци на корисниците со цел да обезбеди поприспособени реклами кои би можеле повеќе да го привлечат вниманието на корисникот.
Во апликацијата на Мајкрософт се вели: „компонентата за рекламирање го поврзува профилот на корисникот со соодветна реклама“. Информациите од кредитната картичка би се искористиле за да се создаде „историјат на извршени плаќања“, а податоците добиени од базните станици ќе може да се искористат за да се лоцираат корисниците, и „за да се прилагоди пребарувањето и рекламирањето на интернет со цел подобро да се толкуваат зборовите внесени во пребарувачите, т.е. подобро да се насочи рекламирањето.“
Брендон Линч, Директор за стратегија за приватност во Мајкрософт, вели: „Со цел да се заштити приватноста, најпрво ќе биде испитано дали апликацијата се коси со нашите стандарди за приватност.“



