Според истражувањето на Центарот за развој на медиуми
Центарот за развој на медиуми стави на располагање на јавноста дел од резултатите од истражувањето „Технички услови и потенцијал во радиодифузната дејност во Р. Македонија“ (.ppt, 880 KБ). Истражувањето го спроведе СММРИ (Strategic Marketing and Media Research Institute), беше финансирано од ФИООМ заедно со ОБСЕ.
Со истражувањето е покриена целата територија на Република Македонија, врз 1.222 испитаници со инциденца на ниво на домаќинство и примена на троетапен веројатен стратифициран одбирок. Со него е мерено користење на ТВ апарати, ВХС апарати, ДВД апарати, радио-приемници, сателитска и кабелска телевизија, искажана подготвеност за користење на дигитална телевизија и телевизија со висока дефиниција, како и користење на интернет. Анализата беше завршена во декември 2005 година.
Од вкупниот број на испитаници 68% изјавиле дека воопшто не користат интернет. 14% користат интернет во интернет-кафеа, а 11% сурфаат од дома. 9% користат интернет на работното место, додека 4% од испитаниците користат кај пријатели и 1% одговориле дека користат на друго место.
Големо внимание при првото јавно презентирање на резултатите предизвика податокот дека 50% од македонските домаќинства се приклучени на кабелска телевизија.