Владата на Република Македонија сè уште не донела одлука дали ќе го стави на располагање како софтвер со отворен код новиот систем за потсетување на граѓаните за нивните административни обврски преку електронска пошта или текстуална порака преку телефон.
Повикот за учество на тендер беше објавен во мај. Владата прима решенија базирани на слободен софтвер, како и неслободни софтверски решенија. Без оглед на видот на решението кое ќе се избере, изворниот код на софтверот за системот ќе биде во сопственост на владата, вели Розалинда Стојова, раководител на одделение во Министерството за информатичко општество и администрација, кое го организира тендерот. Таа не може да каже дали ова значи дека решението или модулите ќе се споделат како софтвер со отворен код. „Немам официјални сознанија околу споделувањето на овој код“.
Министерството одреди буџет од 50.000 евра за проектот, кој треба да стартува во рок од шест месеци.
Во првата фаза, системот ќе вклучува пет јавни институции: Министерството за економија, Матичната служба, Агенцијата за државни патишта, Агенцијата за вработување и Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој. Овие организации ќе го користат системот за да ги потсетуваат граѓаните за административните обврски, се вели во соопштението на Министерството објавено на 16-ти мај.
Локации на билборди
Системот може да се користи за да ги потсетува граѓаните дека треба да извадат извод од книгата на родени или дека можат да го подигнат изводот од книгата на венчани. Исто така би можело странците да се информираат за работните дозволи, да се испраќаат потсетници за точните локации покрај патиштата каде е дозволено поставување билборди и да се известуваат корисниците за условите за земјоделските субвенции.
Граѓаните кои сакаат да го користат овој систем за известување ќе мора да се регистрираат на веб-локација или да пишат до секоја институција одделно. Постапката за регистрирање преку интернет опфаќа внесување основни податоци за идентификација, корисничко име и лозинка и адресата на е-пошта или бројот на мобилен телефон кој ќе се користи за услугата.
Според г-а Стојова, во техничката спецификација не се спомнуваат брендови или производители. „Ние ги опишавме функционалностите и одликите кои се бараат. На тој начин, производите што ќе се достават, а особено софтверските решенија, би можело да се базираат на софтвер со отворен код, но и да бидат развиени со користење неслободен софтвер“.
Извор: Joinup.eu „Macedonia might make its future e-reminder system open source“ 18 јули, 2012.