Министерството за внатрешни работи го испитува криминалот во „Телеком“. А1 дознава, секторот за економски криминал побарал увид во документацијата на фиксниот оператор за да ги провери констатациите дека во „Мактел“ се испрани 6,7 милиони евра.
Податоците за финансискиот скандал што неделава ги објави „Маџар Телеком“ (чиј доминантен сопственик е Дојче Телеком) одат и под лупа на надлежните институции во земјава. Според информациите, во МВР ќе бидат повикани на разговор и дел од поранешните директори во „Телеком“ како и оние кои со години алармираа дека во компанијата се работи незаконски.
Според процедурата, по деталниот увид, ако утврди неправилности Министерството, доказите треба да ги достави до јавното обвинителство кое, пак, треба да покрене постапка за кривично гонење. Во внатрешната истрага ревизорите од американската адвокатска куќа „Вајт анд Кејс“ открија шест договори што директорите во „Мактел“ незаконски ги склучиле со фирма од Кипар во периодот од 2004 та до 2006-та.
Главен директор на „Телеком“ тогаш беше Атила Сендреј. Официјално од МВР велат дека детално ќе го испитаат случајот.
Извори на А1 тврдат дека истрагата ќе се прошири и на други сектори на работењето на менаџерската структура раководена од Сендреј. Ќе се проверува работата на директорите за периодот од 2002-та до 2006-тата.
Извор: А1 „Отворена истрага за криминалите во Телеком" 23.05.2008



