Владата е решена да донесе трет мобилен оператор

Педесетина работни дена и остануваат на Владата да распише тендер за влез на трет мобилен оператор на македонскиот телекомуникациски пазар. Во Министерството за транспорт и врски се децидни дека оваа обврска од изборната програма на владејачката партија ќе се реализира. Оттаму велат дека на Македонија и е неопходна либерализација на пазарот на телекомуникациите и додаваат дека повеќето европски земји освен Малта и Кипар имаат повеќе од три мобилни оператори.

Во јавноста неодамна настана забуна по владината најава дека на тендер ќе се бараат компании заинтересирани за влегување на пазарот на мобилна телефонија. Во Агенцијата за електронски комуникации толкуваа дека според законот за електронски комуникации јавен повик е потребен само доколку повеќе фирми побараат одобрение за користење радиофреквенции за услуги во мобилна телефонија. Оттаму информираа дека законот предвидува субјектот заинтересиран за давање услуги во мобилната телефонија прво да се нотифицира во Агенцијата. Потоа, треба да поднесе барање за одобрение за користење радиофреквенции. Во Агенцијата информираа дека досега кај нив не пристигнало ниту едно барање за користење радиофреквенции за јавни мобилни комуникациски услуги.

Во Министерството за транспорт и врски на прашањето, кој ќе го води процесот за привлекување трет мобилен оператор велат дека двете тела синхронизирано и согласно со законот ќе го тераат целиот проект. Рубично Зарески, главен извршен директор на „Т-мобиле“ во интервју за „Време“ изјави дека македонскиот пазар е релативно мал и дека веќе се заситува. Тој смета дека компаниите што се заинтересирани за влез на пазарот на мобилна телефонија треба добро да ја испланираат инвестицијата. Според него, околу 64 отсто од пазарот е веќе зафатен и потенцијалниот инвеститор ќе треба да чека барем 15 години за да ја врати инвестицијата.

Владимир Николоски
Извор: Време (11.9.2006 г.)