Македонија никако да излезе од дното на табелата за користење интернет. Со години нашата земја се наоѓа речиси на последно место во Европа во однос на употребата на интернетот и таа позиција тешко се менува. Податоците од Европската статистика за користење интернет говорат дека 4,9 отсто од граѓаните во Македонија сурфаат, зад нас се само Босна и Херцеговина, каде што 2,2 отсто од населението има интернет, и Албанија со 1 отсто. Бројките за користењето на интернетот во нашата држава не се ни малку добри, ако се имаат предвид бројките во другите европски земји кои можат да се пофалат со високо ниво на користење на информатичка технологија. Така, граѓаните на Шведска се лидери во сурфањето, бидејќи 73,6 отсто од населението на оваа земја користи интернет, по нив следуваат Данците со 68,7 отсто, па жителите на Исланд, кои се наоѓаат на третото место во Европа со 67,1 отсто употреба на интернет. И земјите од поранешна Југославија се пред нас. Во Хрватска процентот на пенетрација на интернет е 52 отсто, додека во Словенија 47,5 отсто.

Наспроти податокот дека само 4,9 отсто од македонските граѓани сурфаат, бројка што може да се најде на страницата на Европската статистика за користење интернет, од Заводот за статистика на Република Македонија, пак, излегуваат со други факти. Минатата година, Заводот за статистика по иницијатива на Владата, а за потребите на изготвување на Национална стратегија за развој на информатичкото општество, спроведе истражување за достапноста и користењето на информатичко-комуникациските технологии. Според ова истражување, над 25 отсто од граѓаните имаат пристап до интернет. Во оваа бројка влегуваат не само индивидуалните домаќинства туку и вработените во државни и приватни фирми, владини институции, невладини организации и други. Што се однесува до домаќинствата, пак, од околу 560.000 семејства, над 160.000 имаат персонален компјутер. Од овие 160.000 домаќинства, над 63.000 имаат интернет-врска, што во превод значи дека од вкупниот број семејства само 11 отсто имаат можност да сурфаат. Најголем дел од корисниците на интернет се млади лица на возраст од 16 до 24 години, односно средношколци и студенти, како и лица од 25 до 34 години. Според нивото на образование, најмногу сурфаат високообразованите, па средношколците. Од оние што сурфаат, најголем дел, односно околу 45 отсто, само еден час во неделата поминуваат пребарувајќи по интернет-страниците.  

Без оглед дали 4,9 или 25 отсто од вкупното население има пристап до информатичката технологија, сепак, тоа е бројка што е далеку помала од процентот на користење на интернет во Европа. Од фондацијата  „Метаморфозис“, на која една од главните цели и е развој на информатичкото општество, објаснуваат дека има неколку фактори што влијаат на малата искористеност на информатичката технологија. Филип Стојановски, проект-координатор во  „Метаморфозис“, вели дека постојат неколку фактори што влијаат на немањето пристап до интернет: високата цена на опремата (компјутер), високата цена до пристапот, непознавањето на компјутерската технологија, недостигот од содржини, непознавањето странски јазик, односно јазичните бариери. Овие фактори, кои се одлучувачки за сурфањето, ги потврдуваат и од Заводот за статистика.

Утрински весник