Медиумските експерти критикуваа неколку одредби од законот истакнувајќи дека не се логични и дека поттикнуваат цензура.

Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета кој што се наоѓа на прво читање во Собранието, предложен од страна на Владата, во суштина е антиевропски и дури поттикунва цензура, наместо да има спротивно влијание. Една од главните одредби на законот треба да се измени без никакво сомнение, а тоа е поделбата на одговорноста и паричната казна помеѓу новинарот, уредникот и сопственикот, доколку се потврди дека имало клевета.

Во продолжение се дадени неколку препораки на медиумските експерти и новинари, кои што учествуваа на дебатата организирана од Центарот за развој на медиумите (ЦРМ).

„Со оваа одредба, на сопствениците им се дава легитимното право да се мешаат во уредувачката политика на медиумот. Ова одредба треба да се измени и наместо неа, односите помеѓу уредникот и сопственикот треда да се регулираат со нивен меѓусебен договор“ вели новинарот Сашо Ордановски.

Со него се согласува и Никола Младенов од весникот Фокус, велејќи дека треба да се види подлабоко што ќе донесе ова одредба, бидејќи според него, ниту еден сопственик не сака да биде казнет, и затоа ќе контролира што ќе се објави, а ова ќе донесе до цензура.

Во дебатата се дискутираше за анализата на ЦРМ каде што се наведени голем број на нерегуларности и нелогичности во новиот закон подготвен од страна на Владата во соработка со Здружението на новинарите. Меѓу нив е и дефинирањето на одговорноста кој ќе биде тужен ако некој клевети некого во јавност – дали тоа ќе биде давателот или пренесувачот на клеветничката порака?

„Тука е потребно да се прецизираат многу работи, бидејќи во многу случаи новинарот не може да се смета за виновен, на пример ако емисијата е во живо, новинарот не може да му забрани на соговорникот да не зборува навредливи зборови„ рече адвокатот Филип Медарски.  

„Меѓу другото, спорна е и одредбата за докажување на вината, каде што стои дека тужителот е тој што треба да го докаже тоа“ смета Роберто Беличанец од ЦРМ.

Понатаму, Филип Стојановски од фондацијата за интернет и општество Метаморфозис, рече дека во законот на нејасен начин се користи поимот „провајдер„.

“Така му се остава на судијата да одлучи дали како „провајдер на интернет услуги„, односно соучесник, ќе го смета и блогерот кој што „дозволил„ во делот за коментари под негов пост некој непознат да остави коментар кој е навредлив за трето лице, или пак да се појави линк кон некој друг блог или сајт кој евентуално содржи навреди или клевети за трето лице” рече Стојановски.

Со оглед на тоа што се изложуваат на ризик да платат казни до 27.000 евра, многу е веројатно дека  провајдерите на интернет-услуги, за да не ризикуваат тужби, ќе оневозможат објавување било какви содржини генерирани од корисниците или во најдобар случај ќе бришат сè за што ќе добијат барање.

Од центарот за развој на медиумите велат дека препораките за подобрување на законот ќе им ги достават на Здружението на новинарите и пратениците.

Извор: Portalb, “Ligji për shpifje me dispozita alogjike dhe nxitës i censurës”, 3 октомври, 2012.