„Македонски бизнис-алатки“ е името на новиот софтверски пакет што го промовира компанијата „Мајкрософт-Македонија“, а е наменет за поефикасно организирање на работата во македонските фирми

„Македонски бизнис-алатки“ е името на новиот софтверски пакет што го промовира компанијата „Мајкрософт-Македонија“, а е наменет за поефикасно организирање на работата во македонските фирми. Од „Мајкрософт“ најавија дека сите македонски компании што во текот на минатогодишната кампања го лиценцираа својот софтвер со OSL договор за лиценцирање (заб. на Метаморфозис) ќе можат во наредните две години бесплатно да го користат новиот софтверски пакет.

„Македонски бизнис-алатки“ е пакет што ги опфаќа софтверските решенија „Он тајм“ и „Експенс монитор“, кои се изработени од македонски софтверски компании.

Од „Мајкрософт“ велат дека „Он тајм “ содржи алатки што овозможуваат едноставна подготовка на состаноци, можност да се следи извршувањето на работните задачи, одлуките и информациите од состаноците во компанијата. Според нив, ова софтверско решение нуди ефикасно управување со процесите на внесување, одобрување и следење на барањата за отсуства, годишни одмори и барањата за набавки.

„Експенс монитор“ е софтверска алатка за автоматизација и за поедноставување на евиденцијата и на управувањето со трошоци во малите и во средните претпријатија. Од „Мајкрософт“ информираа дека со ова решение менаџерите ќе имаат поголема контрола врз трошоците за набавка, врз деловните патувања и исплатите од касата на компаниите.