Бројот на апликации базирани на слободен софтвер стандардно инсталирани на десктоп-компјутерите во државната администрација во Малта се зголеми за 47 отсто, во периодот од декември 2009 до мај 2011 година, вели Мишел Бугежа, ИТ архитект од Агенцијата за информатичка технологија на Малта (MITA). „Најголем пораст има кај алатките за работа со PDF документи, за креирање дијаграми, мисловно мапирање и за управување со проекти“.

Агенцијата одржува список со апликации, како слободни така и комерцијални, кои ги оценува за употреба од страна на властите. Меѓу последните додадени апликации се Open Office (пакет за канцелариска продуктивност) Dia (алатка за цртање дијаграми) Gimp (за уредување слики) и Openproj (алатка за управување со проекти).

MITA им помага на другите владини агенции со своето истражување на алатки базирани на слободен софтвер и бизнис модели. Меѓу неодамнешните проучувања спаѓаат Postgresql (систем за управување со бази на податоци) Sugarcrm (за управување со односи со клиенти) и Openfire (сервер за инстант пораки). Агенцијата врши евалуација на користењето на виртуелната околина за развој на софтвер OSOR и обезбедува линкови до информациите и алатките на OSOR.

Бугежа беше еден од презентерите на владиниот состанок со малтешката Група на крајни корисници на слободен софтвер (Moseug), одржан на 5 септември.

ИТ архитектот ги информираше присутните за голем број активности на MITA поврзани со слободниот софтвер. Тука спаѓа работењето со Министерството за образование за да се обезбеди дека учениците учат концепти, наместо за конкретни производи и имплементации. Десктоп-компјутерите во училиштата во Малта, на пр., сега се стандардно опремени со Open Office и 7Zip (за управување со компресија на датотеки и податоци).

Извор: OSOR.eu “MT: Number of open source applications on government desktops doubled” 20 септември, 2011.