Меѓународен тим составен од програмери коишто специјализираат во областа на медицински системи работи на информатички систем наменет за болниците.

Овој месец, на веб-сајтот OSOR Forge, учесниците во проектот започнаа да бараат и други заинтересирани лица кои би се приклучиле на тимот. „Доколку сте заинтересирани да учествувате во оваа голема заедница, има многу работи кои можете да ги вршите, од превод, контрола на квалитетот, додавање на нова функционалност, па сè до локализација“.

Програмерите, меѓу кои и специјалисти од Бразил, Германија, Грција и Франција, имаат за цел да создадат систем за управување со електронска медицинска евиденција, за управување со болнички и здравствени информации. Со проектот се опфатени рецепти, фактурирање, информации за пациентите, управувањето со епидемиолошки и статистички податоци и управувањето со медицинските залихи. Целиот проект е објавен под општата јавна лиценца GNU GPL за софтвер со отворен код.

Medical стартуваше во 2008 година со многу мала група на луѓе, обидувајќи се да им обезбеди на центрите за примарна здравствена заштита систем за подобрување на превентивната медицина“, велат програмерите во нивното претставување на OSOR Forge. „Денес, благодарение на придонесот на голем број научници, биохемичари, фармацевти, доктори и социјални работници низ целиот свет, Medical е солиден Информатички систем во здравството и болниците – добитник на неколку признанија. Medical е преведен на многу различни јазици, меѓу кои и германски, шпански, бахаса индонезиски, португалски и француски јазик“.

На јавниот софтверски портал на бразилската влада (Portal do Software Público Brasileiro), еден тим веќе работи на локализација на системот. Пред неколку месеци, грчки медицински експерти поддржани од грчката влада започнаа да работат на истиот проект, што резултираше со создавањето на системот Hospital, исто така објавен на OSOR Forge како проект со отворен код.

Извор: OSOR.eu “EU: International team developing open source hospital information system” 31 август, 2010.