Меѓународниот ден за побезбеден интернет, 10 февруари 2026, се прославува под мотото: „AI Aware: Safe, Smart, and in Control“ (АИ свесност: безбедни, паметни и под контрола). За нас, во Фондација Метаморфозис, кои што придонесуваме за одговорна дигитална трансформација, ова е стремеж и посакувана цел бидејќи се залагаме за дигитална иднина базирана на отчетност, транспарентност и почитување на човековите права.

Овој Меѓународен ден за побезбеден интернет е посветен на зајакнување на децата и младите со вештини за критичко размислување и дигитална писменост: да умеат да проценуваат содржини, да препознаваат пристрасност, да ја заштитат својата приватност и да носат одговорни одлуки, а со цел да бидат информирани, безбедни, паметни и со контрола врз своите податоци во ерата на вештачката интелигенција.

Сметаме дека вештачката интелигенција иако има потенцијал да подобри многу аспекти на човечкото искуство, поради опасност од неетичко дизајнирање и нејзина употреба, исклучително важно е да се воспостават регулативи и правила за нејзината употреба, кои внимаваат на овие предизвици и гарантираат рамноправна заштита за сите, а посебно на децата и младите. На овој Меѓународен ден потсетуваме на нашето Истражување за ефектот на новите технологии, со особен фокус на вештачката интелигенција, врз човековите права на интернет“.