Фондацијата Метаморфозис, заедно со најголемата европска Мрежа за дигитални права EDRi и бројни граѓански организации и поединци, упатува итен апел до Европскиот парламент и земјите-членки на ЕУ да ги отфрлат предложените измени во т.н. „AI Omnibus“, кои се закануваат сериозно да ја загрозат транспарентноста и заштитата на основните човекови права.
По претходните предупредувања за импликациите од овој процес врз Северна Македонија и регионот, Метаморфозис продолжува активно да ги поддржува иницијативите за одговорна регулација на вештачката интелигенција.
Што е спорно во новиот предлог?
Главната точка на загриженост е предложеното бришење на членот 49(2) од Законот за вештачка интелигенција. Овој член претставува клучна заштитна мерка која ги обврзува компаниите што развиваат системи со висок ризик, а сакаат самите да се изземат од строгите правила (тврдејќи дека нивниот систем не претставува значаен ризик), задолжително да го регистрираат таквото изземање во јавно достапна база на податоци.
Доколку овој предлог се усвои, се отвора опасна „дупка во законот“ која би овозможила:
- Неконтролирано саморегулирање: Провајдерите на АИ системи ќе можат еднострано и без никаков надзор да одлучат дека нивниот систем не е ризичен.
- Намалена транспарентност: Јавноста и граѓанските организации нема да имаат увид кои компании се изземале од обврските, што го оневозможува оспорувањето на таквите одлуки.
- Оневозможен надзор: Надзорните органи ќе ја изгубат прегледноста врз пазарот, со што сериозно се загрозува безбедноста и заштитата на правата на граѓаните.
„Заштеда“ од 100 евра наспроти заштитата на човековите права
Во отвореното писмо се истакнува дека Европската комисија го оправдува ова бришење со намалување на административниот товар, тврдејќи дека тоа ќе им заштеди на компаниите во просек само 100 евра.
„Заштедата од 100 евра по компанија е крајно несразмерна со штетното влијание што го предизвикува отстранувањето на заштитната мерка за транспарентност од член 49(2) и не е во согласност со тврдењето на Комисијата дека таргетираните мерки за поедноставување во т.н. „AI Omnibus“ се задржуваат во рамките на она што е неопходно за постигнување на целите на поедноставување и намалување на административниот товар, без притоа да се намали заштитата на здравјето, безбедноста и основните права.“ – се вели во соопштението на мрежата EDRi.
Зошто ова е важно за нас?
Како земја која се стреми кон усогласување со европското законодавство, секоја промена во ЕУ Законот за вештачка интелигенција директно ќе се рефлектира и врз домашните политики и заштитата на македонските граѓани. Метаморфозис останува на ставот дека технологијата мора да им служи на луѓето, а не да се развива во нетранспарентни услови кои ги фаворизираат корпоративните интереси пред јавниот интерес.
Фондацијата Метаморфозис продолжува внимателно да го следи процесот и да се залага за дигитална иднина базирана на отчетност и почитување на човековите права.




