Латвиското здружение за отворена технологија го повикува Министерството за економија да ги направи отворените стандарди и отворените технологии една од клучните теми во заложбите за деловно образование на Министерството.

Здружението објави изјава во средата, барајќи продолжување на финансирањето на ИКТ-обуката за латвиските компании. Министерството претходно најави четирикратно намалување на буџетот за ваквите обуки.

Здружението (LATA) сака министерството да продолжи да обезбедува финансиска поддршка за обука на компании од секакви големини за користење на ИКТ. „Компаниите добиваат максимален ефект од вистинските вештини за користење отворени технологии и отворени стандарди“. Здружението тврди дека овој тип на ИКТ-решенија ги прави компаниите поефикасни и помага за подобрување на интероперабилноста на решенијата и услугите.

Освен потенцирањето на отворената технологија, портпаролката на групата за застапување ова утро објасни дека планираните намалувања на субвенциите за обуки исто така директно ќе влијаат врз нејзините членови. Тука спаѓаат големи ИКТ компании кои претходно ги користеле средствата за да ги обучуваат нивните вработени, како и фирмите кои обезбедуваат ИКТ-обуки.

Латвиското министерство за економија во моментов ги подготвува своите планови за 2014 – 2020 г. за употреба на Европските општествени фондови. Министерството најави дека има намера да го намали буџетот за ИКТ обука на 5,25 милиони лати (околу 7,51 милиони евра) и да ги ограничи на мали и средни претпријатија. Портпаролката: „Ова значи дека големите компании повеќе не ќе имаат пристап до ко-финансирање за ИКТ-обука“. Од 2007 до 2013 г., повеќе од 20 милиони лати (околу 29 милиони евра) беа на располагање за грантови за обука на вработените.

Според LATA, голем број латвиски компании за ИКТ го користат Европскиот фонд за подобрување на вештините за ИКТ и за стекнување знаења за новите технологии.

Извор: Joinup.eu „Latvia’s economy ministry should boost use of open standards and open technology“ 28 февруари, 2013.