Владата ќе распишува тендер за трет мобилен оператор
Владата се подготвува за воведување трет мобилен оператор, дознаваме од владини извори. На денешната седница Владата треба да донесе одлука за подготовка на постапка за распишување тендер за трет мобилен оператор. Според нашиот извор, не е исклучена можноста Владата денеска да одлучи тендерот да се објави по донесувањето на новиот предлог-закон за електронски комуникации на почетокот на март годинава. Владата може да одлучи тендерот да се објави и порано, според важечкиот Закон за телекомуникации, но според наши извори во овој случај може да се намали интересот на некои компании за учество во постапката, бидејќи од март во сила ќе треба да стапи нова законска регулатива.
Министерството за транспорт и врски изминатава година работеше на испитување на условите на пазарот за воведување нов оператор во мобилната телефонија. Согласно направените анализи, Владата денес треба да разговара за информацијата поднесена од Министерството според која постои и економска и пазарна оправданост за воведување трет мобилен оператор. Постојните мобилни оператори Мобимак и Космофон држат околу 50% од пазарот којшто, според информацијата на Министерството, треба допрва да се шири. Околу 75% од овие 50% од пазарот припаѓаат на Мобимак кој со над 700.000 корисници има доминантна позиција на пазарот. Додека останатите 25% му припаѓаат на Космофон. Новата конкуренција треба да понуди поевтини тарифи со оглед на фактот што цените на двата постојни оператори се многу блиски, а операторите при формирањето на понудите меѓусебно се следат. Новиот оператор треба да ја прекине ваквата ценовна политика и на пазарот да понуди поевтини цени што ќе доведе до поголем развој на пазарот.