Директивата WEEE, која стапи на сила во 2003 година, го истакнува принципот на Индивидуална одговорност на производителите (ИОП) за финансирање на управувањето со отпадот од електрична и електронска опрема (WEEE).
Индивидуалната одговорност на производителите претставува индивидуализација на идејата за Проширена одговорност на производителите (ПОП), која има тенденција да ја опфати еколошката тежина на производите преку барање од производителите да ги покријат трошоците за управување со отпад поврзани со нивните производи. Овој ИОП принцип значи дека производителите треба да бидат одговорни само за трошоците за справување со нивните производи кои се на крај на животниот циклус.
Овој принцип се смета за главен двигател кој ги поттикнува производителите да ги интегрираат нивните планови за крајот на животниот циклус на производот, со дизајнот на нивниот производ (на пр. за рециклирање и расклопување). Всушност, производителите е поверојатно да размислуваат за крајот на животниот циклус на производите доколку можат да ги минимизираат трошоците за тоа со подобар дизајн, а со тоа и самите тие би имале корист од таквите иницијативи.
За жал, многу малку земји всушност го имплементираа принципот ИОП, а повеќе од една третина од земјите-членки на ЕУ целосно го игнорираа. Како може ова да се објасни? Кога првата верзија на Директивата WEEE беше објавена, имаше разликување меѓу новите производи пласирани на пазарот по август 2005 година, кои треба да бидат финансиски покриени според ИОП, и стариот отпад од производите пласирани на пазарот пред тој датум.
За тој стар отпад, производителите треба да го финансираат управувањето со отпадот единствено според нивниот удел на пазарот, а не според реалните трошоци на крајот на животниот циклус на производите. Некои земји едноставно продолжија да ја применуваат оваа прераспределба според уделот на пазарот и за новите производи пласирани на пазарот по 2005 година.
Друга причина со која може да се објасни лошата имплементација на ИОП е повикувањето на можноста за исполнување на индивидуалните обврски на „производителите“ или поединечно или преку придружување на колективна шема (чл. 8.2 од тековната Директива).
Иако принципот ИОП е компатибилен со колективните шеми, повикувањето на такви колективни шеми исто така создава забуна бидејќи сугерира дека колективната одговорност може да биде прифатлива за новиот отпад. Обидите за плаќања на „рамна“ такса според пазарниот удел, за финансирање на управувањето со отпадна електрична и електронска опрема е проблем бидејќи не се прави разлика меѓу производ што е „полесен“ за рециклирање и производ што е „потежок“ за рециклирање.
На пример, еден производ што содржи опасни супстанци и пластика која не може да се рециклира би се сметал за ист со производ од сличен тип за кој не се користени штетни супстанци и кој содржи повеќе делови што можат да се рециклираат. За производителот, трошокот би бил ист. Како резултат на тоа, поттикот за дизајн со кој се интегрира процесот за крајот на животниот циклус на производите всушност не може да игра некоја улога.
„Доблесниот“ производител нема никаква корист (не ги намалува трошоците за крајот на животниот циклус на производот) доколку вложува напори за таков дизајн. Може да се каже дека продолжувањето на колективната одговорност (рамна такса регулирана преку колективни шеми) има тенденција значително да ги забави иницијативите „дизајн за крај на животниот циклус“ кај производителите.
Бидејќи предлогот за промена од Европската комисија – со кој се ревидираат избрани делови од постоечкото законодавство – не се однесува на членот за принципот ИОП, истиот е сочуван.
Меѓутоа, тој исто така доби помалку внимание од носителите на одлуки. Европското биро за екологија (EEB) сака да се подобри спроведувањето на принципот ИОП. EEB одамна работи со група прогресивни компании и невладини организации кои поддржуваат појасна имплементација на ИОП, и е активен член на главната група во рамките на оваа коалиција (видете www.iprworks.org за повеќе информации). Групата во моментов подготовува измени и дополнувања за зајакнување на следењето и пренесувањето на принципот ИОП.
Најважно е да постои некаква сигурност дека производителите ќе обезбедат доволни финансиски гаранции според реалниот трошок за крајот на животниот циклус на нивните производи. Во прилог на процената на таквите трошоци одат постојните иницијативи, но сè уште нема официјално одобрена методологија од страна на сите заинтересирани страни.
Затоа, идната задача на Комисијата е да договори таква методологија со клучните заинтересирани страни, но тоа не треба да биде аргумент за да не се подобри спроведувањето на ИОП сега, како што тоа законски се бара за сите производи пласирани на пазарот по 13 Август, 2005 година.
Напишано од Стефани Ардити. Објавено во е-билтенот #56 на European Environmental Bureau