Причината за малиот број училишни весници е незаинтересираноста на учениците за дополнителни обврски, оценуваат професорите во средните училишта.
Средношколците повеќе се заинтересирани своето мислење да го изразуваат на интернет-форумите отколку да подготвуваат училишни весници. Тие велат дека подобро би било весниците да се подготвуваат на интернет, бидејќи таму повеќе би се читале и помалку време би одземало за подготвување. За тоа дека е мала заинтересираноста за подготвување весници, показател е нивниот мал број во средните училишта. Од триесет гимназии во поголемите градови во земјава, само четири издаваат весник еднаш годишно.
Професорите од средните училишта сметаат дека причината за тоа е незаинтересираноста на учениците за дополнителни обврски, но и фактот дека училиштата немаат пари да ги покријат трошоците за печатење.Директорот на скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“, Драган Арсовски, вели дека нивното училиште е едно од првите училишта кои имаат училиштен весник, но се издава само еднаш годишно. Учениците кои го подготвуваат весникот тешко наоѓаат спонзори што би ги покриле основните трошоци за печатење, бидејќи Министерството за образование не нуди никаква парична помош.
– Пред десет години нашиот весник „Визија“ се издаваше како месечник, но тогаш беше потпомогнат од Министерството. Сега се издава еднаш годишно и дел од трошоците за него ги дава училиштето, а дел од спонзори. Министерството треба да одвои средства за поддржување вакви медиуми – вели Арсов.
Во училиштата во кои не се издава никаков весник наставниците се обидуваат учениците да ги анимираат со организирање новинарски секции, каде можат да го изразат своето мислење.Средношколците, пак, велат дека наместо весници подобро би било да се направи веб портал на кој би можеле да дискутираат и да ги искажат мислењата за проблемите што ги мачат.
– Во нашето училиште немаме никаков весник. Би сакале да се направи, но на интернет. Повеќе би го читале и би учествувале во подготовката ако е на интернет. Сега за темите што не’ интересираат разговараме само по форуми – вели средношколка од средно економско училиште „Арсени Јовков“.
Уредничката на кумановскиот средношколски весник „Тајм аут“, Кристина Кралевска вели дека има пет училишта во Куманово, а само еден весник се издава и наменет е за средношколците. Таа смета дека има интерес за негово читање, но учениците ретко учествуваат во неговата подготовка бидејќи им е дополнителна обврска.
– Нашиот весник е месечник и е проект на невладина организација, па таа ги покрива трошоците. Училиштето воопшто не учествува во трошоците за негово издавање – објаснува Кралевска.Пасивноста на учениците од средните училишта ја потврдува и директорката на Високата школа за новинарство и односи со јавноста, Жанета Трајковска, која вели дека учениците се незаинтересирани за да го изразат своето мислење јавно, бидејќи институциите кои треба да ја развиваат таа особина кај младите тоа не го прават.
– Кај средношколците постои пасивизираност која се граничи со мрзливост. Затоа го организираме конкурсот „Изрази се преку медиумите“, за да се изгради посилен критички однос кон реалноста. Учениците се пасивни и никој не ги прашува за нивното мислење. Преку овој конкурс тие може да добијат 12 стипендии. Понатаму може да помогнеме да се направи портал – вели Трајковска.Љупчо Пандиловски од Одделението за односи со јавноста во Градот, вели дека не одделуваат средства за поддршка за весници од дотациите кои ги добиваат од Владата за средните училишта.
– Дотациите од Владата се наменети за плати, материјални трошоци, како и за тековно одржување на објектите. Кога би добивале повеќе средства, би помогнале и во другите активности – вели Пандиловски.
Автор: Анета Тодевска
Извор: Дневник „Не сакаат школски, туку интернет-весници“, 23 март, 2009.



