Македонските власти ја блокирале интернет-страницата на мисијата во ОН, бидејќи таа се публикува под кратенката ФИРОМ, и побарале наместо привремената референца да се користи името – Македонија

        Македонските власти ја блокирале интернет-страницата на мисијата во ОН, бидејќи таа се публикува под кратенката ФИРОМ, и побарале наместо привремената референца да се користи името – Македонија.

        Дипломатски извори за „Време” потврдија дека македонската мисија ги известила техничките служби во седиштето на ОН во Њујорк дека доколку не биде прифатено ова барање, Македонија повеќе нема да ги користи нивните услуги за подготвување на интернет-страницата и преку комерцијален провајдер ќе направи нова.

        Според процедурите во ОН, за подготвување на интернет-страниците со содржини по избор на мисиите бил задолжен техничкиот секретаријат. Во првите години по воспоставувањето на постојаната македонска мисија, нејзината страничка била публикувана под името „Macedonia“, кое потоа било сменето со „FIROM”. Дипломатски извори оценуваат дека до таквата промена најверојатно дошло по интервенција на грчкото дипломатско лоби. Изворите велат дека според вообичаените процедури земјите-членки на ОН сами одлучуваат како ќе бидат претставени нивните мисии и дека техничкиот секретаријат е задолжен само за техничка поддршка и водење на страницата, а не за водење политика како да се именува земјава. Затоа македонските власти сега бараат секретаријатот преку својот систем да овозможи страницата да се промовира под името – Македонија.

        Од службите во ОН се уште нема одговор дали ќе биде прифатено барањето. Но, извесно е дека ако стигне негативен одговор, македонските власти повеќе нема да го користат системот на ОН, туку промоција на земјава и на мисијата во ОН ќе им ја доверат на комерцијални организации.

        Веб-страницата на македонската мисија неодамна и запречи и на грчката заедница во САД, која побара од генералниот секретар на ОН, Кофи Анан, да го смени имејл-адресата на мисијата и во него наместо Македонија да напише ФИРОМ.