„Интернетот е од суштинско значење не само за дигиталната револуција, туку и за нашиот континуиран просперитет – па дури и за нашата слобода. Интернетот треба да го браниме исто како и демократијата“.

Ова е поднасловот на неодамнешната статија на Тим Бернерс-Ли објавена во Scientific American Magazine на 22 ноември, 2010г., во која тој се фокусира на новите закани за тековниот развој на светската мрежа: недостаток на неутралност на интернетот, социјалното вмрежување, затворените стандарди и обидите од страна на владите за следење на комуникациите преку интернет.

Статиите со наслов „Да живее интернетот: повик за континуирани отворени стандарди и неутралност“ му дава можност на изумителот на WWW во 1990г. да се фокусира на клучните принципи за дизајн на интернетот и на тоа како тие се загрозени денес од страна на новите политики од приватните и јавни играчи на интернет.

Сер Тим Бернерс-Ли укажува на неутралноста на интернетот како една од клучните работи кои треба да се заштитат со цел да се овозможи непречено развивање на светската мрежа, врз основа на нејзините начела за универзалност и децентрализација.

Авторот јасно нагласува зошто е потребно законодавството за да се заштитат овие начела: „Неутралниот комуникациски медиум е основа за фер, конкурентна пазарна економија и основа за демократијата и науката. Минатата година повторно беше покрената дебата за тоа дали е потребно владиното законодавство за заштита на неутралноста на интернетот. Законодавството е потребно. Иако интернетот и светската мрежа генерално се базираат на недостатокот на регулатива, некои од основните вредности треба да бидат сочувани со закон“.

Исто така, таткото на светската мрежа објаснува зошто отворените стандарди се клучни за одржување на максималното ниво на иновации на интернет: „Кога велам ‘отворени стандарди’ мислам на стандарди со кои може секој посветен експерт да се вклучи во дизајнот, стандарди кои во пошироки рамки се сметаат за прифатливи, кои се достапни бесплатно на интернет и бесплатни за програмерите и корисниците. Отворените стандарди без авторски надомест кои се лесни за употреба овозможуваат збогатување на разноликоста на веб-сајтовите, од големите имиња како што се Амазон, Крегслист и Википедија, до помалку познатите блогови напишани од возрасни љубители на хобија, па сè до видеозаписите поставувани од тинејџери“.

Сер Тим Бернерс-Ли, исто така, укажува на глупавото законодавство на ЕУ, како што е законот Хадопи во Франција или Законот за дигитална економија во Обединетото Кралство за да докаже дека треба да се контролира и законодавниот процес за да се обезбеди почитување на човековите права и на интернет:

„Во овие случаи, ниту еден законски процес не ги штити луѓето пред да бидат исклучени од интернет или пред да се блокираат нивните веб-сајтови. Со оглед на многубројните начини на кои интернетот е од суштинско значење за нашите животи и нашата работа, исклучувањето од интернет е еден вид на лишување од слобода“.

Извор: ЕДРИ-грам „Lack of net neutrality and open standards threaten the web“ бр. 8.23, 1 декември, 2010.