Израелскиот магнат Хајм Мер во Скопје
Израелскиот магнат Хајм Мер, сопственик на „Мер конзорциум“, ќе дојде во Скопје за на премиерот Владо Бучковски лично да му го презентира проектот за воведување на ПЛЦ-технологија во Македонија. Ова вчера и официјално го потврдија високи владини функционери.
Посетата на Мер не е најавена во протоколот на Владата, а од извори во седиштето на компанијата од Израел дознаваме дека Мер е ангажиран на проект во Индија. Правниот застапник на „Мател“ во земјава, Иван Дебарлиев, вчера само навести дека е можно Мер или негов претставник да дојде во земјава, но не можеше да ја потврди информацијата.
Понудата за воведувањето на ПЛЦ-технологијата во Македонија Израелците и ја презентирале на Владата уште во ноември минатата година, но до денес Владата е во дилема поради сомневањата и резервите што за проектот ги искажал министерот за економија. Бесими инсистирал за користењето на каблите на ЕСМ да се распише меѓународен тендер, а Израелците барале за надоместокот да се спогодат со Владата во непосредна спогодба. За возврат, тие на граѓаните им нудат неограничен пристап на интернет, неограничено време за телефонски разговори со ВОИП-технологија (пренос на гласовни пораки преку интернет), повеќе од 60 сателитски телевизиски и стотина радио канали и уште 64 други услуги што ги нуди медиа-боксот на „Мер“.
Сите овие придобивки на современата технологија, граѓаните во земјава би можеле да ги добијат во социјалниот пакет што би чинел 25 евра месечно или 1.500 денари. Цената за оваа услуга, според одредбите од нацрт-верзијата на договорот, би била непроменета 6 години, од моментот на инсталирање на програмата, во август 2006 година. Единствен услов за ова е граѓаните во своите домови да имаат приклучок за електрична енергија.
Освен тоа, Електростопанство на Македонија би добило комплетно дигитализирана мрежа, што опфаќа замена на старите механички бројачи со нови електронски, комплетен надзор над мрежата што значи автоматско регистрирање и отстранување на загубите кражбите на струја, како и автоматско исклучување на неплаќачите на електрична енергија и нивно повторно автоматско вклучување. Техничките загуби, кражбите и неплаќањето на струја годишно јадат повеќе од 30 милиони евра од профитот на компанијата. Во оваа сума не се вклучени трошоците за мобилните екипи, како и судските трошоци за присилна наплата и дефектите што притоа најчесто се случуваат.
Со евентуалното прифаќање на понудата на „Мер“ и на овој систем, освен заштедите во ЕСМ, државата во рок од три години би добила целосно заокружување на телекомуникациската оптичка мрежа, од која во моментот се изградени само 7 отсто. Македонија би станала регионален центар за информатички услуги со најсофистицираната технологија.
– Фирмата „Мател“, која го има ексклузивното право од “Мер” да ја примени оваа технологија во Југоисточна Европа, веќе ги доби дозволите за вградување на ПЦЛ-технологијата на просторот на цела бивша Југославија, Бугарија, Турција, Албанија, Украина, Египет и Ангола, а при крај се и преговорите за добивање на лиценцата во Русија. Со прифаќањето на понудата, државата добива удел од 15 проценти во „Мател“, фирма во која доминантен сопственик е „Мер“ со 35 проценти. Тоа значи дека освен 15 проценти од добивката во земјата, државата има право и на 15 проценти од добивката на фирмата во сите држави каде што „Мател“ ја вградил својата опрема – објаснува Дебарлиев, правниот застапник на „Мер“.
Според него, Македонија според понудата треба да биде регионален центар за изградбата на телекомуникациската мрежа и затоа инсталацијата на опремата и новата технологија би биле целосно бесплатни.
– Ако договорот се потпише, во Македонија треба да изградиме фабрика за производство на ВОИП-телефони, кои ќе ја носат ознаката „произведено во Македонија“. Тоа ќе биде единствениот производ од висока технологија што државата ќе го нуди во светот – вели Дебарлиев.
Според нацрт-верзијата на договорот, оваа инвестиција ќе тежи околу 150 милиони евра и ќе значи вработување на околу 1.200 луѓе во првите три години од потпишувањето на спогодбата. Во Владата велат дека за воведување на ПЛЦ-технологијата во земјава најверојатно ќе се распише меѓународен тендер.
Дознаваме дека во меѓувреме Хрватска, Бугарија и Турција веќе им понудиле на Израелците регионалниот центар, наместо во Македонија, да се лоцира во тие земји, за што наводно биле подготвени на непосредна спогодба со Израелците.