Nokia – најголемиот светски производител на мобилни телефони, поднесе тужба против Apple тврдејќи дека iPad 3G и iPhone прекршуваат пет патенти на Nokia.
Nokia тврди дека тука спаѓа технологијата што се користи за подобрување на преносот на говор и податоци, како и иновациите на антената кај компактните уреди.
Ова е најновиот напад во долготрајната правна битка меѓу двете компании.
Nokia и Apple имаат и друг спор во врска со iPhone.
„Ние го преземавме овој чекор за да ги заштитиме резултатите на нашиот иновативен развој и за да ставиме крај на постојаното незаконско користење на иновациите на Nokia“, изјави Пол Мелин, генерален менаџер за лиценцирање на патенти во Nokia.
Во едно соопштение на компанијата се вели дека во текот на изминатите две децении Nokia има инвестирано околу 51 милијарди долари во истражување и развој и има регистрирано 11.000 патенти.
Минатата година Nokia поднесе сличнa тужба со која тврдеше дека различни производи на Apple ги прекршуваат патентите на Nokia. Apple одговори со противтужба против Nokia за кршење на патентите на Apple со нејзините смарт-телефони.
Во меѓувреме, Apple исто така е во спор со HTC од Тајван, кои го произведуваат телефонот Nexus One на Google, а кој наводно содржи патентирана технологија на Apple.
Споровите за патенти се честа појава во индустријата на технологијата и често завршуваат со некој вид на Договор за лиценцирање, јавуваат дописниците.
Nokia ја поднесе тужбата на истиот ден кога Apple објави дека од 28 мај неговиот iPad нетбук ќе се продава во девет земји надвор од САД.
Извор: BBC “Nokia sues Apple for ‘patent infringement” 8 мај, 2010.



