Слободниот софтвер станува сè поважен за јавната администрација во Обединетото Кралство. Примери за институции од јавната администрација кои неодамна преминаа на овој тип софтвер се градските и окружни совети, болниците и владините оддели, а политичарите сè повеќе ја признаваат неговата важност.
Во март минатата година, кабинетот ја претстави својата нова стратегија за ИКТ, во која користењето на овој тип софтвер е една од десетте клучни теми. За да се спречи неуспех на големите и комплексни ИТ проекти и да се зголеми споделувањето и повторната употреба на ИТ и податоци, владата вели дека сака да создаде „добар терен за слободниот софтвер“. Втората тема е „наметнување задолжителни отворени стандарди, почнувајќи од интероперабилноста и сигурноста“.
Во најновите информации за решенија базирани на слободен софтвер што ги спроведува јавната администрација се спомнува советот на округот Оксфордшир, кој го префрли својот веб-сајт на Друпал – систем за управување со содржини базиран на слободен софтвер. H-Online, веб-сајт за ИТ вести што се фокусира на слободен софтвер минатата недела извести дека неколку болници размислуваат за користење на електронски систем за картони на пациенти базиран на компоненти со слободен софтвер. Трет пример е одделот за транспорт, кој овој месец потпиша договор за започнување хостинг на некои од неговите веб-апликации базирани на слободен софтвер.
Британскиот портал IT news исто така извести за одредени попречувања за слободниот софтвер во јавната администрација. Еден пример е заложбата на советот на град Бристол за префрлање кон систем за е-пошта базиран на слободен софтвер. Според извештајот на Computer Weekly, ИТ одделот на градот ова лето препорача градот да купи комерцијален систем“, затоа што нема безбедносно одобрение да купува алтернативни решенија“.
Сајтот за ИТ вести известува дека CESG, одделот за сајбер-безбедност на единицата за разузнавање на владата верифицирал само комерцијални решенија за е-пошта и не ги земал предвид алтернативите базирани на слободен софтвер.
„Computer Weekly дознава дека канцеларијата на кабинетот дискутирала со CESG за проблемот со сертификацијата уште од месец март. Извор близок на одделот вели дека нашле решение, но не можел да објасни како системите базирани на слободен софтвер би можеле да се акредитираат освен ако не се побара од државните органи да ги сносат трошоците за да ги пренесат низ исцрпувачкиот 18-месечен процес на сертификација на CESG“.
Втор пример на попречување овој месец беше наведен од веб-сајтот за ИТ вести Techeye. „По неколку барања за слобода на информирање, неодамна се откри дека владините сектори го игнорирале слободниот софтвер во однос на комерцијалниот софтвер“.
Извор: OSOR.eu “UK public administration’s use of open source growing in importance” 30 септември, 2011.