Владата на Обединетото Кралство сака да создаде софтверски пазар на кој слободниот и комерцијалниот софтвер би биле подеднакво конкурентни. Администрацијата го измени „Прирачникот на дигиталната служба на владата“, конкретно во делот насловен „На исто рамниште“, со тоа што повеќе нема да му дава предност на слободниот софтвер.
Британските ИТ-публикации во јуни известија дека британската администрација ја намалила својата наклонетост кон решенијата базирани на слободен софтвер. Computer Weekly го цитира Лиам Максвел, главниот технолошки офицер на владата: „Ние сме убедени дека воспоставувањето на исто рамниште за слободниот и затворениот софтвер ќе го обезбеди потребниот поттик за конкурентниот елемент во нашите набавки и ќе овозможи иновации. Со тоа се овозможува и владата да биде интелигентен клиент, за да можеме да раскинуваме неконкурентни договори, да преземеме контрола врз нашата ИТ-архитектура и да ги намалиме владините трошоци за ИТ“.
Максвел за ИТ-публикацијата изјави: „Слободниот софтвер е во срцето на нашата посветеност да испорачаме дигитални јавни услуги приспособени на потребите на граѓаните“.
На 14-ти јуни, Computer Weekly извести за промени извршени од Дигиталната служба на Владата во нејзиниот прирачник за ИТ-услуги. Претходната верзија гласи: „Слободниот софтвер треба да има предност во однос на затворениот софтвер, особено кога станува збор за оперативни системи, мрежен софтвер, веб-опслужувачи, бази на податоци и програмски јазици“.
Во прирачникот сега стои: „Со растот на слободниот софтвер, голем број висококвалитетни производи (бази на податоци, оперативни системи, програмски јазици, алатки за програмирање, итн) можат слободно да се користат и подобруваат од страна на владата и нејзините добавувачи. Но, сè уште постои голем пазар за комерцијални софтверски производи, а достапноста на слободниот софтвер не значи дека автоматски не можете да изберете комерцијална технологија, ако таа ги задоволува вашите потреби“.
Споделување
Сепак, во прирачникот се додава: „Останува политика на Владата дека кога има значајна разлика во севкупните трошоци за слободниот и затворениот софтвер кои ги имаат минималните и основни способности, слободниот софтвер ќе биде избран поради неговата флексибилност“.
„Треба да обезбедите дека секоја одлука што ќе ја направите за користење постоен софтвер, без разлика дали е слободен или комерцијален, нема да ве спречува да го споделувате секој нов софтвер што го создавате (или што вашите добавувачи го создаваат за вас) под нерестриктивна лиценца за слободен софтвер, компатибилна со лиценцата GPL“.
Извор: Joinup.eu “UK: ‘Open and closed software to compete on equal basis'” 30 јуни, 2013.