Претставникот за слобода на медиуми од ОБСЕ (Организација за безбедност и соработка во Европа) Миклош Харашти на 18 јануари побара од турската влада да го измени законот за интернет за да се придржува кон обврските од ОБСЕ и други меѓународни стандарди за заштита на слободата на изразување.

Едно истражување побарано од канцеларијата на Харашти, со кое се анализира турскиот закон за интернетот кој е во сила уште од 2007, покажа дека врз основа на соодветните закони, турските власти биле во можност да го блокираат пристапот до околу 3.700 веб-сајтови.  Тука спаѓаат странските веб-сајтови како што се YouTube, Geocities, Dailymotion и Google, блокирани со судски налози и налози за административно блокирање издадени од страна на Управата за телекомуникации.

Студијата исто така покажува дека недостига транспарентност во однос на налозите за блокирање издадени од судот или Управата за телекомуникации и фактот дека Управата јавно не објавила статистика за блокирањето од мај 2009 година.

„Влијанието на сегашниот режим и недостатоци е големо, и ја опфаќа не само слободата на пренесување и добивање информации, туку, исто така, влијае врз правото на блокираните веб-сајтови да добијат фер судење“, се вели во студијата.

Во неговата изјава до турските власти, Харашти рече: „Во својата сегашна форма, Законот 5651, општо познат како Закон за интернет на Турција, не само што ја ограничува слободата на изразување, туку сериозно го ограничува правото на граѓаните на пристап до информации“.

Харашти смета дека дури и дел од содржината на блокираните веб-сајтови да се смета подеднакво лоша како детска порнографија, законот не е прилагоден за нивно санкционирање.  „Со блокирањето на пристапот до цели веб-сајтови од Турција, се парализира пристапот до бројни современи мрежи за споделување на датотеки, како и социјални мрежи“.

Претставникот на ОБСЕ смета дека некои од причините за блокирањето на веб-сајтовите се „произволни и политички, а со самото тоа некомпатибилни со принципите за слобода на изразување на ОБСЕ“. Тој исто така рече дека турскиот закон не ја штити слободата на изразување и дека биле користени клаузули од кривичниот законик против новинарите кои ризикуваа да завршат во затвор.

Затоа, главната препорака на ОБСЕ е да се реформира или укине турскиот закон за интернет.  „Се надевам дека турските власти наскоро ќе ги отстранат одредбите за блокирање кои ги спречуваат турските државјани да бидат дел од денешното глобално информатичко општество“, изјави Харашти.

Report of the OSCE Representative on Freedom of the Media on Turkey and Internet Censorship (11.01.2010)
http://www.osce.org/documents/rfm/2010/01/42294_en.pdf

Turkey blocking 3,700 websites, reform needed: OSCE (18.01.2010)
http://www.reuters.com/article/idUSTRE60H2WJ20100118?type=technologyNe…

OSCE Press release- Turkey’s Internet law needs to be reformed or abolished, says OSCE media freedom representative(18.01.2010)
http://www.osce.org/fom/item_1_42372.html

Извор: “OSCE asks Turkey to change the laws allowing Internet blocking” бр. 8.2, 27 јануари, 2010.