На 18 и 19 декември 2025 година, во просториите на Метаморфозис Фондација, во Скопје, се одржа првиот партнерски состанок во рамките на проектот „Иницирање програми за учење за возрасни за вештачка интелигенција“.
На состанокот, претставници на партнерските организации разговараа за планираните активности во рамките на проектот, временската рамка и динамиката на спроведување, како и за алатките и пристапите за обезбедување ефективна комуникација и видливост на проектните резултати. Дополнително, беше направена координација на улогите и одговорностите на партнерите, како и договор за следните чекори во имплементацијата.
Проектот „Иницирање програми за учење за возрасни за вештачка интелигенција“ има за цел да ја подобри писменоста во областа на вештачката интелигенција кај возрасните ученици и во секторот за образование за возрасни. Поконкретно, проектот се стреми кон тоа да им овозможи на давателите на образование за возрасни да вклучат теми поврзани со вештачка интелигенција во нивните редовни образовни програми и активности; да ги оспособи возрасните ученици (граѓаните) за користење на алатки за вештачка интелигенција преку иновативни образовни програми за писменост во областа на ВИ; и да понуди насоки за политики и да поддржи застапување за вклучување на содржини за писменост во областа на вештачка интелигенција во образованието за возрасни.
Проектот ќе се спроведува две години, со почеток од ноември 2025 година, и ќе опфати активности насочени кон иницирање на ресурси за образование за возрасни, промовирање добри практики и активности за застапување и дисеминација, преку создавање на: наставна програма за писменост во областа на вештачката интелигенција за даватели на образование за возрасни и за обучувачи, прирачник за воспоставување програми за образование за возрасни во областа на ВИ, онлајн курс за подигање на свеста, листа на активности за застапување, како и OER платформа/дел од веб-страница. Покрај тоа, ќе се организираат и обука за обучувачи (Training of Trainers), национални или локални работилници, студиски посети во Стразбур и Брисел со обука за застапување, завршна конференција на проектот, како и активности за видливост и комуникација.
Проектот „Иницирање програми за учење за возрасни за вештачка интелигенција“ го спроведуваат Метаморфозис Фондација од Северна Македонија, Connect International (CI) од Белгија и Curiosité Centre de formation (CCF) од Франција, во рамките на програмата Еразмус + KA220-ADU – Партнерства за соработка во образованието за возрасни, со поддршка на Европската Унија преку Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.












