Во сабота, 17 октомври, 2009 г. ќе биде отворен првиот хаклаб во Скопје. Журката по повод отворањето ќе биде во самиот хаклаб, со настап на бендот „Силви Бонд“.
Хаклабот КИКА (Кика e: Информации. Култура. Автономија.) е реализација на долгогодишната идеја за еден јавен простор – т.н. технолошка автономна зона – кој ќе се занимава со технологијата и нејзиниот пресек со културата, новите медиуми и општеството. Таков простор веројатно му недостига на градот и ова е еден обид да се пополни таа празнина.
За почеток, главните настани во рамките на КИКА ќе бидат веќе традиционалните „Сподели Знаење“ и „Сподели Кино“, а најверојатно тука ќе се случуваат уште и Ruby.mk meetup средбите, „Убунту прва-помош“, „Роботика“ итн. Програмата сè уште се подготвува и секаква помош е добредојдена.
КИКА е јавен простор, што значи отворен за секого, и по потреба располага со проектор, интернет, маси и столчиња за 30-тина луѓе, а во договор со „цимерите“ може да се користат и повеќе од просториите. Слободен софтвер Македонија се надева дека овој простор ќе заинтересира доволен број млади луѓе кои во меѓусебна соработка ќе успеат да го развијат својот потенцијал.
Извор: Блог „Сподели знаење“