Интернет-провајдерот „Он.нет“ почна да нуди фиксна телефонија
Интернет-провајдерот „Он.нет“ почна да нуди фиксна телефонија. Менаџментот на компанијата најави дека на почеток ќе понудат разговори во националниот и меѓународниот сообраќај и кон мобилните мрежи. За разговори во локалниот сообраќај ќе почекаат „Македонски телекомуникации“ да ги намали цените за интерконекција, како што му наложи Агенцијата за електронски комуникации. Главниот извршен директор Предраг Чемерикиќ објасни дека цените на „Он.нет“ за локални разговори, според сегашните интерконекциски цени, би биле за 50 отсто поскапи од оние што ги нуди Телеком.
– Една минута разговор во локалниот сообраќај кај нас би чинела 1,5 денари, а Телеком ја продава на корисниците за 1 денар. Но затоа, пак, нашите цени на меѓуградските разговори ќе имаат големи попусти – вели Чемерикиќ.
Чемерикиќ најави дека цените ќе ги објават откако „Македонски телекомуникации“ и официјално ќе ги објави новите пониски цени за интерконекција, по што „Он.нет“ ќе почне да склучува комерцијални договори со граѓани и со фирми.
Чемерикиќ не ја исклучи можноста „Он.нет“ до крајот на годинава да дава услуги и во мобилната телефонија, но не преку градење сопствена мрежа туку преку нејзино најмување од друг оператор.
Т.Ј.
Извор: Вест



