Сите 84 општини и Градот Скопје ќе добијат информатичка опрема, која ќе ја донира „Македонски телекомуникации“. Ова е предвидено со меморандумот за соработка потпишан на 25 септември помеѓу Министерството за локална самоуправа и Tелекомот.
Вредноста на донацијата изнесува 120 илјади евра и се состои од два пакета. Првиот е наменет за 46 општини, кои имаат можност за инсталација на АДСЛ-линија, а вториот за преостанатите 39 општини. Првиот пакет се состои од АДСЛ-линија за пристап на Интернет, компјутер и изработка на веб-сајт. Во вториот пакет нема Интернет и е предвиден за општините каде што нема техничка можност за негово воведување.
– Информатичката технологија во општините ќе го овозможи развојот на едношалтерскиот систем и ќе ја подобри меѓуопштинската соработка преку размена на информациите. Ќе се забрза и ќе се подобри процесот на децентрализацијата на власта – рече Тања Алтанџиева, заменик-министерка за локална самоуправа.
Атила Сендреј, главен извршен директор на „Македонски телекомуникации“, истакна дека за 2005 и 2006 година се предвидени донации во вредност од 800 илјади евра за развој на информатичкото општество во Македонија. Тој додаде дека покрај за општините, информатичка опрема се донира и за училиштата и за здравствените домови.
Дневник