Минатиот месец, во Европскиот парламент повеќе од сто политичари, новинари и активисти присуствуваа на промоцијата на првиот Европски ден на граѓански слободи – 15 април.
На настанот организиран од групата на либералите и демократите (ALDE), говореа членови на Европскиот парламент и претставници на НВОи за човековите права и заштитата на малцинските групи како што се Ромите, хомосексуалците и транссексуалците во Европа.
Организаторот на настанот, европарламентарецот Александар Алваро и лидерот на ALDE и европарламентарец – Греам Вотсон говореа за владините обиди да се „загрози слободата, приватноста и правото на избор кои сите слободни граѓани треба да ги уживаат“. Катарина Кресал, словенскиот министер за внатрешни работи, ја изрази својата убеденост дека слободата мора да биде главна грижа на владите.
Изјавите од активистите на Меѓународната Федерација за човекови права (FIDH), Европските здруженија на новински издавачи, Европската коалиција за политики за Ромите, ILGA Европа и EDRI, можете да го прочитате подолу.
„Многу повеќе информации за Европскиот ден на граѓански слободи, како и плановите на групата за кампања за човековите права и фундаментални слободи се достапни на веб-сајтот на ALDE. На само шест недели до европските избори, ова е момент од суштинско значење за гласачите кои сакаат да видат силна поддршка за човековите права во идниот Европски парламент.
Говор од Иан Браун (членови на EDRI – FIPR и Open Rights Group) во име на EDRI:
Ме радува што денес сме сведоци на првиот Европски ден на граѓанските слободи. Треба да бидам што поголем оптимист, со оглед на тоа што потекнувам од Велика Британија, којашто Прајваси Интернешнл во моментот ја рангира како држава со најстрог надзор во ЕУ. Имаме милиони камери за надзор, нелегална ДНК база на податоци со преку 5 милиони профили, во која се вклучени 100.000 лица под 13 години, како и неконтролиран интернет надзор со повеќе од 519,000 владини пристапувања до записите од комуникациите на луѓето во 2007 г.
Велика Британија и нејзините сојузници ја туркаа оваа агенда за надзор на Европско ниво, што беше најзабележливо со Директивата за задржување на податоци, а подискретно со размената на податоци за патувања со САД и „принципот на достапност“ со кој се овозможува базите на податоци на полициските агенции да се споделуваат во рамките на ЕУ.
Некои од земјите-членки со нетрпение очекуваат многу поголем електронски надзор на нивните граѓани. Португалското претседателство во 2007 предвидуваше „дигитално цунами“, каде што „Со секој предмет што лицето го користи, со секоја трансакција што ја прави и со секое патување всушност креира детален дигитален запис. Со тоа ќе се генерира ризница од информации за организациите задолжени за јавната безбедност.“ Сер Дејвид Оменд, поранешниот британски координатор за разузнавање неодамна додаде: „Разузнавачките операции се секако зона во која не може целосно да се применуваат етичките правила кои се надеваме дека би влијаеле на однесувањето на поединците во општеството“.
Владите упорно го туркаат овој „набилдан“ надзор, иако нема многу докази дека со тоа ќе се спречи тероризмот или дека ќе се намали тешкиот криминал. Деталните криминолошки студии покажаа дека со камерите за надзор нивото на криминал всушност се намалува за само 2 отсто, освен во специфични околини како на пр. паркинзи. Американскиот Национален совет за истражување неодамна заклучи дека „нема консензус во релевантната научна заедница ниту пак во комитетот во однос на тоа дали некоја технологија за надзор на однесување или физиолошки надзор се воопшто подготвени за употреба против терористи со оглед на тековната состојба на науката“.
Либералите и демократите треба да водат кампања за различен вид на информатичко општество, каде што човековите права на граѓаните ќе останат во центарот на вниманието, бидејќи се присутни во Европа во последните шеесет години и бидејќи се наведени во новата повелба на Европската унија за фундаментални права. Членовите на парламентот мора да продолжат да ги застапуваат правата на граѓаните со оглед на анти-демократските обиди од некои членови на Советот да се претвори ЕУ во надзорно општество. Европскиот ден на граѓански слободи претставува многу позитивен чекор во таа насока.
Liberalism, democracy and privacy in Europe (16.04.2009)
http://dooooooom.blogspot.com/2009/04/liberalism-democracy-and-privacy…
ALDE Civil Liberties
http://civiliberties.eu/
Извор: ЕДРИ-грам „Launch of the first European Civil Liberties Day“ бр. 7.8, 22 април, 2009.



