Електронските набавки (е-набавки) претставуваат употреба на електронска комуникација од страна на организациите од јавниот сектор при купување добра и услуги или при објавување тендери за изведување јавни работи.
Со зголемување на примената на е-набавки во Европа може да се генерираат значителни заштеди за европските даночни обврзници. Јавните субјекти кои веќе ги имплементираа е-набавките известуваат за заштеди од 5 % до 20 % на нивните трошоци за набавки. Вкупниот обем на пазарот на ЕУ за набавки изнесува повеќе од 2 трилиони евра, така што секои заштедени 5 % би можеле да резултираат со околу 100 милијарди евра заштеди годишно – што е еквивалентно на трошоците за изградба на повеќе од 150 големи болници. Со овие заштеди би се зголемила ефикасноста при трошењето на јавните средства во сегашниот контекст на фискални ограничувања.
Е-набавките може да учествуваат и во обезбедувањето нови извори на економски раст и работни места. Е-набавките може значително да им олеснат на компаниите, особено малите и средните претпријатија, преку зголемување на транспарентноста и пристапот до тендерските можности и намалување на трошоците за учество на тендери (намалени поштенски трошоци, помалку печатење, итн.) Искуството од ЕУ и пошироко покажува дека употребата на е-набавки го зголемила учеството на малите и средни претпријатија во постапките за јавни набавки.
И покрај овие придобивки кои се неспорни, ЕУ заостанува и со остварувањето на сопствените цели и на меѓународно ниво. Е-набавките сè уште се користат само во 5 – 10 % од постапките за јавни набавки што се спроведуваат во рамките на ЕУ и покрај амбициозните политички цели.
Дигиталната агенда за Европа и Акцискиот план за е-власт 2011 – 2015 ја нагласуваат важноста од поврзувањето на капацитетите за е-набавки во рамки на Единствениот пазар. Во контекст на модернизацијата на Европските директиви за јавни набавки, усвоени во декември 2011 година, Комисијата предложи е-набавките да станат правило наместо исклучок, со тоа што ќе станат стандарден метод на набавка во ЕУ до средината на 2016 година.
Комесарот Барние изјави: „Време е да се дејствува. Е-набавките претставуваат значаен неискористен потенцијал за економијата на ЕУ. Тие можат да го поедностават начинот на кој се спроведуваат набавките, да ги намалат вложениот труд и трошоци, да го зголемат учеството на малите и средни претпријатија и да обезбедат подобар квалитет и пониски цени. Колку поскоро ќе започне оваа транзиција, толку побрзо ќе почнеме да ги чувствуваме придобивките од е-набавките“.
Денешното соопштение поставува стратегија за остварување на оваа амбициозна транзиција. Се предлага серија од мерки наменети за поддршка на сите заинтересирани страни, вклучувајќи ги и малите и средни претпријатија, за навремено завршување на процесот на транзиција. Во овие мерки спаѓаат:
- Финансиска и техничка поддршка на развојот на инфраструктурата за е-набавки преку програми и финансирање од ЕУ
- Идентификување и споделување на најдобрите практики во областа на е-набавки
- Следење на нивото на распространетост на е-набавките и придобивките од нив
- Спроведување на широка стратегија за распространување за да се информираат заинтересираните страни за можностите и придобивките што ги нудат е-набавките.
Во соопштението исто така се вели дека самата Европска комисија целосно ќе мигрира кон е-набавки до средината на 2015 година – една цела година пред истекот на рокот за земјите-членки – и дека Комисијата ќе им ги стави на располагање на земјите-членки своите решенија за е-набавки.