Концептот на отворени податоци се темели на принципот на отворен пристап, служење на јавното добро преку оспособување на граѓаните, зајакнување на бизнисите и информирање за социјалниот развој. Во Северна Македонија концептот на отворени податоци беше воведен и промовиран со членството на земјата во Отвореното владино партнерство во 2011 година. Следствено, во 2014 година беше донесен Законот за употреба на податоците од јавниот сектор. Сепак, покрај обезбедувањето правна основа за отворените податоци, напредокот е многу бавен. Институциите се борат да ги објават и ажурираат податоците со кои работат и граѓаните сè уште не можат да го забележат големиот потенцијал што овие податоци можат да го донесат.
Се вели дека податоците се фосилното гориво на иднината, а оваа констатација може да ја потврдат бројни примери на економски и социјален развој. Бидејќи сè повеќе ја препознаваме вредноста на податоците, генерациска должност е да се забрза нивното објавување, како и да се зголеми свеста за нивната вредност. Фондацијата Метаморфозис е силно посветена да ги поддржи институциите во Северна Македонија да развијат инфраструктура/ресурси за да можат да продолжат со собирање и објавување податоци во стандардизирани формати за да се овозможи слободна употреба и ре-употреба, водена од Стратегијата за отворени податоци – што всушност е и ‘рбетот на процесот. Покрај практичното обучување на институциите за објавување на нивните збирки на податоци и организацијата на хакатони за да се забрза побарувачката и користењето на податоците, Фондацијата Метаморфозис, во рамките на проектот на УСАИД за граѓанско учество, го поддржува усогласувањето на македонскиот закон со Директивата на ЕУ за отворени податоци и повторната употреба на информациите од јавниот сектор за да се направат процесите на отворени податоци во земјата поамбициозни.
Седумнаесеттото издание на конференцијата е-Општество.мк, кое започнува на 30 ноември, ќе понуди простор за учесниците да истражуваат за можностите и предизвиците со кои се соочува демократијата во дигиталната ера, со тоа што ќе посвети значително внимание на улогата и вредноста на податоците. На сесијата Отворени податоци: кога понудата и побарувачката ќе се сретнат на половина пат, застапниците и практичарите на каузата ќе ги претстават своите ставови за тоа како да се унапредат отворените податоци во Западен Балкан. Меѓу говорниците ќе биде Ирена Бојаџиевска, водечки експерт за усогласување на соодветното македонско право со Директивата 2019/1024, заедно со Делвина Хаџијаха од Отворени податоци Косово, Лазар Поп Иванов од Програмата за развој на Обединетите нации и Нада Ракочевиќ од Стопанската комора на Црна Гора. Сите говорници континуирано придонесуваат за подобрување на екосистемот за отворени податоци во нивните земји и пошироко, а сесијата ветува инспиративен амбиент за учење од сопствените искуства.
Повеќе информации за конференцијата и регистрацијата се достапни на следниот линк: https://e-society.mk/
„Конференцијата е-Општество.мк е организирана од Фондација Метаморфозис во синергија со проектите „Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ИЦЕДА“ ко-финансран од Европската Унија, „Проверка на фактите за напредокот на Република Северна Македонија кон ЕУ” финансиран од Национален фон за демократија, и „Брз одговор на дезинформации за вакцините” финансиран од Балкански фонд за демократија. Ставовите изразени за време на конференцијата не ги одразуваат ставовите на донашорите.“




