Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија беше домаќин на првата меѓународна работилница на корисниците на отворениот формат на документи (ОДФ) од јавниот сектор, која се одржа во Берлин на 29-ти и 30-ти октомври, 2007г.
Ставот на германското Министерство за надворешни работи како домаќин на настанот, беше јасен. Сојузниот министер за надворешни работи Франк-Волтер Штајнмаер, во своето поздравно обраќање, го дефинираше ОДФ (Open Document Format) како „целосно отворен формат со ИСО стандардизација и одлична основа за слободна размена на знаење и информации во ерата на глобализацијата“. Министерството за надворешни работи веќе ги поврза дипломатските претставништва во странство во мрежа која користи слободен софтвер и премина кон користење на ОпенОфис и оперативни системи Линукс на своите лаптоп компјутери и планира да ја прошири оваа програма на сите сервери на претставништвата до средината на 2008 г.
Според Флоријан Шисл од канцеларијата на проектот ЛиМукс во Минхен, каде што во тек е миграцијата кон Линукс, ОДФ е добра алатка за намалување на големиот број обрасци и макроа во локалната самоуправа и за создавање на унифицирани стандарди за работење со датотеки. Општинската администрација на Фрајбург исто така ќе имплементира проект за миграција на 200 сервери од Мајкрософт Офис 2000 кон ОпенОфис, во иднина потпирајќи се единствено на форматите ОДФ и ПДФ. Исто така, ОДФ ќе биде усвоен како стандарден формат за датотеки од сите агенции и сектори на Швабиш-Хол, изјави Хорст Бројнер, директор за ИТ.
Германија не е единствената држава која го поддржува ОДФ. Како што изјави Гевин Бекет од градската управа на Бристол, Велика Британија, миграцијата кон СтарОфис на компанијата Сан Мајкросистемс е во тек во канцелариите на градската администрација. Г. Бекет истакна дека пречка во овој процес е инерцијата и навиката на канцелариските службеници кои го користеле оперативниот систем на Мајкрософт многу години. “Треба да се надминат длабоко вкоренетите начини на однесување“, изјави Бекет.
Бразил и Индија се исто така лидери во користењето на отворени стандарди во канцеларијата. Дајви Кун од Серпро, компанија која ја координира употребата на слободен софтвер во Бразил, соопшти дека стандардот ОДФ усвоен од Меѓународната организација за стандардизација е добра алатка за обезбедување пристап до знаење и слобода на корисниците која е задолжителна кај стандардите на е-власт за интероперабилност. Во Индија, во сојузната држава Асам, на студентите им беа доделени компјутери со оперативен систем Линукс и канцелариски пакет ОпенОфис, а миграцијата кон слободен софтвер беше во тек во канцелариите на администрацијата.
Германското Министерство за надворешни работи го поддржува отворениот формат на документи
ЕДРИ-грам: Форматот ООXML не доби поддршка од Меѓународната организација за стандардизација



