Американски научници открија дека секој десктоп печатач има посебен стил на потпис кој невидливо го нанесува на документите што се печатат на него.

Американски научници открија дека секој десктоп печатач има посебен стил на потпис кој невидливо го нанесува на документите што се печатат на него. Сега научниците пронајдоа начин како да го искористат тоа за да идентификуваат одредени ласерски печатачи.

Ова ќе помогне во пронаоѓањето на печатачите кои се употребуваат за правење на лажни банкноти, пасоши и други важни документи. Досега се сметаше дека не постојат доволно големи разлики помеѓу евтините десктоп печатачи кои масовно се произведуваат за да можат да се идентификуваат. Печатачите во комбинација со скенерите станаа омилени кај фалсификаторите затоа што можат да произведат висококвалитетни копии на банкноти и лични документи што можат да измамат секого на прв поглед.
 
Но, тим на научници од Универзитетот „Пурдју“ (Purdue) во Индијана на чело со професорот Едвард Дел разви техники кои овозможуваат да се открие кој печатач испечатил одреден документ. Во 11 од 12 случаи методите на тимот успеале да идентификуваат кој модел на десктоп ласерски печатач бил употребен за да се испечатат одредени документи. Научниците подетално ќе ја претстават својата работа на Меѓународната конференција за технологии за дигитално печатење во почетокот на месец ноември.