Садењето дрвца на фармата, одгледувањето миленичиња во „Пет сосајeти“ и пиењето виртуелни пијалаци во „Јо вил“ навидум изгледаат како наивна забава за децата, но реалноста е малку поинаква.
Најновиот случај на 25-годишниот струмички педофил, осомничен за намамување малолетник преку комуникациската мрежа Фејсбук, е уште еден во серијата појави на украдени идентитети, фотографии и лични податоци од корисниците за злоупотреба на малолетниците од злонамерници.
Домашните корисници не отстапуваат од светските интернет-трендови за интензивно користење на социјалните мрежи, па не е ретка ни појавата на сé помали деца на Фејсбук. Иако од друштвената мрежа се обидуваат да ја зголемат безбедноста на децата, инцидентите се сé почести.
Струмичанецот А.Т., со помош на четот на Фејсбук, се обидел да договори средба со детето, со која сакал да го намами на полов однос.
– Постојат многубројни опасности со кои децата можат да се соочат додека користат Интернет, мобилни телефони и други технологии. Некои од нив се понаивни, како злоупотреба на туѓи фотографии, претерано откривање лични податоци, плагијати и преземање последици од стореното дело, но други се сериозно опасни, како што се сајбер-насилството и напаѓачите преку Интернет, т.н. онлајн-грабливци. Овие последниве се возрасни луѓе што воспоставуваат контакт со децата преку глобалната мрежа. Тие, пред сé, лажно се претставуваат, како врсници на детето, со кое комуницираат и се трудат на секој можен начин да ја стекнат неговата доверба, со цел да извлечат што повеќе негови лични податоци, благодарение на кои ќе можат физички да го лоцираат и малтретираат, најчесто сексуално – вели Ирина Шумадиева од фондацијата „Метаморфозис“, координатор на проекти за безбедност на децата на Интернет на фондацијата „Метаморфозис“ (www.crisp.org.mk).
Таа објаснува дека местото на децата не им е на социјалните мрежи. Децата под тринаесет години не се свесни за опасностите што ги демнат на Фејсбук и затоа не би требало да го користат овој сервис. За жал, со употреба на друштвената алатка тие почнуваат од многу помлади години.
Возрасната граница за отворање профил на Фејсбук изнесува тринаесет години, но според правилата на социјалната мрежа, и помлади деца може да бидат корисници со дозвола и соодветен надзор од родител или старател.
– Мојата препорака е, ако веќе родителите не можат да ги тргнат помалите деца настрана од социјалните мрежи, тогаш да им помогнат да сфатат што е разумно, а што не е разумно да се прави. Тие треба да ги чуваат личните податоци, да не откриваат ниту свои ниту податоци на своите другари и другарки, да не договараат средби со луѓе што ги запознале онлајн, а особено да не се среќаваат на скриени улички, во доцните часови. Тоа би било многу сомнителен повик за дружење – додава Шумадиева.
Автор: Огнена Костова
Извор: Нова Македонија „Додека садат на фармата, ги демнат манијаци“ бр. 22246, 1.4.2011.



