Phorm функционира со следење на интернет сообраќајот меѓу вас (корисникот на интернет провајдерот) и веб-сајтовите кои ги посетувате. Phorm ја следи содржината на посетените веб-страници и ги меморира клучните зборови од нив.

Phorm потоа може да ви праќа реклами врз основа на информациите за клучните зборови. Toa е инвазивна и најверојатно нелегална технологија за рекламирање преку интернет која што наскоро може да дојде и до вас.

На пример, доколку посетувате веб-сајтови за автомобили и пребарувате нови модели на возила, ќе почнат да ви се појавуваат реклами за автомобили кога ќе ги посетувате партнерските веб-сајтови на Phorm.

Членот на ЕДРИ, Open Right Group (ORG) минатиот март беше алармиран поради сериозните ризици за приватноста што ги носи Phorm, и вложува големи напори за да ја утврди вистинската цел.

Сметаме дека технологијата, во основа, е инвазивна и нелегална. Испитувањето на податоците кои се пренесуваат помеѓу посетителот на веб-сајтот и неговиот сопственик мора однапред да се одобри од двете страни. Нелегално е да се следат податоците без дозвола од двете страни.

Сепак, интернет провајдерите од Велика Британија, како што се BT и Virgin не бараат одобрение од сопствениците на веб-сајтовите.

Гледањето на интернет-сообраќајот како сопственост на испраќачот и примателот е вистинскиот начин за разбирање на приватноста на интернет. Податоците на веб-сајтовите им припаѓаат на многу луѓе, а разменетите податоци и врската помеѓу клиентот и сопственикот на веб-сајтот треба да останат приватни.

И покрај оваа загриженост за приватноста и законитоста, Phorm би можел наскоро да дојде и на агендата на вашата земја.

Интернет провајдерите се заинтересирани за оваа технологија бидејќи таа им дава потенцијал да доминираат со секторот за рекламирање на интернет.

Голем број „креатори на содржини“ и влади во ЕУ може да бидат заинтересирани за Phorm, бидејќи гледаат дека приходите од рекламите се намалуваат кај традиционалните домашни пазари.

Токму затоа треба да бидете внимателни, затоа што инвазивната технологија на Phorm може лесно да се сфати како решение за проблемите со кои се соочуваат рекламните агенции од европскиот пазар.

Извор: ЕДРИ-грам “UK: Phorm threat“ бр. 7.2, 28 јануари, 2009.